Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 септември 1995 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 6 став 2 од Законот за царинската управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/92).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.216/95 од 5 јули 1995 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од член 6 став 2 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
4. На седницата Судот утврди дека согласно член 6 став 2 од Законот, Царинската управа решава во втор степен во управна и прекршочна постапка.
5. Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Исто така, со член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Од наведените одредби произлегува дека жалбата, како правно средство и во управна постапка има цел да даде можност во второстепената постапка да одлучува орган што не бил вклучен кога по правната работа се одлучувало во прв степен.
Според тоа, Судот утврди дека со предвидувањето во втор степен да одлучува Царинската управа (кога во прв степен одлучувала една од царинарниците кои се подрачни единици на Царинската управа), заинтересираните лица в’сушност се лишени од можноста да водат постапка во втор степен, затоа што и во тој степен решава истиот орган што ја донел обжалената одлука.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека предвидувањето Царинската управа да одлучува во втор степен по одлуките донесени од царинарниците, кои се нејзини подрачни единици, претставува само еден вид контрола, а не одлучување на второстепен орган по жалба во правна смисла на зборот, поради што утврди дека одредбата од став 2 на член 6 од Законот е несогласна со Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и суд иите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.216/95