Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен венсик на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 септември 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за основање на Служба за правна помош на граѓаните, донесена од Собранието на Општина Ресен на 27 јануари 1965 гходина.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Науме Тозиевски од Ресен, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение затоа што не била во согласност со член 53 од Уставот и со Законот за адвокатурата (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92). Според наводите во иницијативата само адвокатурата обезбедувала правна помош, а со влегување во сила на означениот закон престанал и законскиот основ за организирање служба за правна помош при општините.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се основа Служба за правна помош на граѓаните од подрачјето на Општина Ресен. Во делокругот на Службата за правна помош спаѓаат работите на давање правна помош на граѓаните во остварувањето и заштитата на нивните права пред судовите, државните органи, установите што вршат јавна служба и организациите и тоа: давање усни правни совети, составување исправи, (договори, тестаменти, изјави и друго), составување поднесоци молби, тужби, предлози, жалби и други барања, застапување на расправи и рочишта пред редовен суд во процесната, вонпроцесната и извршната постапка, во постапката по управни спорови и во кривичната постапка заради остварувања на имотно-правни барања, како и застапување пред органите на управата во управната постапка, пред установите што вршат јавна служба и пред организациите.
4. Според член 53 од Уставот адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Со членот 1 од Законот за адвокатурата е предвидено дека со овој закон се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, другите органи и други правни лица, како и организацијата на адвокатурата, условите за упис во Именикот на адвокатите и правата и обврските на адвокатите. Според членот 2 од овој закон, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека адвокатурата е самостојна и независна служба што претставува одвоеност на оваа служба од органите на власта, нејзината самостојна организација, како и самостојност во работата на секој адвокат, што според мислењето на Судот ја определува положбата и ја дефинира функцијата на двокатурата како јавна служба што обезбедува стручна и квалификувана правна помош.
Судот смета дека Уставот и Законот го уредуваат обезбедувањето правна помош само од страна на адвокатурата како јавна служба, а при тоа не навлегуваат во организирањето и пружањето на другите видови правна помош.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означената уставна одредба и со Законот за адвокатурата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.197/95).