Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одражана на 19 јули 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за забрана на закоп во старите гробишта и вршење ископ и пренос на посмртните останки од старите во новите гробишта, донесена од Собранието на Општина Прилеп на 6 ноември 1981 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Здру жението за заштита и обнова на старите гробишта во Прилеп и Варош, претставувано од Милан Мешкоски од Прилеп, му поднесе иницијатива со барање да поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение, затоа што со Одлуката се пропишува дислоцирање на старите гробишта од месноста “РИД” и населбата “Варош” во месноста ” Песнобрсци”, а притоа не се имало предвид историското значење на овие гробишта кои преставувале историски споменик за градот Прилеп.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се забранува закопување на умрени лица на постоечките гробишта во месноста “Рид” и населбата “Варош”, почнувајќи од 1 ноември 1981 година и дека истото ќе се врши во новите гробишта во месноста “Песнобрсци”. Исто така, со Одлуката се задолжуваат семејствата на умрените лица, закопани во старите гробишта, во рок од 10 години кој, потоа е продолжен за уште 20 години, да ги пренесат посмртните останки од старите во новите гробишта.
Ископот и пренесувањето на посмртните останки, според Одлуката, ќе го врши ОЗТ “Комуналец” – ООЗТ “Комунална хигиена” – Прилеп.
4. Согласно член 1 од Законот за гробишта (“Службен весник на СРМ” бр.18/73) гробишта во смисла на овој закон се земјишта кои служат за закоп на умрените како и земјишта на кои постојат видливи знаци за закопување на умрените.
Членот 2 на овој закон предвидува гробиштата да се определуваат на места предвидени со урбанистичкиот план или на места определени со посебна одлука на општината.
Големината на просторот за нови гробишта, согласно став 3 на овој член од Законот, треба да обезбеди закоп на умрените за време најмалку од 30-50 години, зависно од порастот на населението и процентот на смртноста.
Согласно членот 5 од Законот, употребата на гробиштата престанува кога општината ќе утврди дека нема повеќе место за закоп или ако е тоа нужно од санитарни односно урбанистички причини.
Членот 6 од Законот предвидува гробиштата на кои се врши закоп на умрените да можат да се користат за нова намена по истекот на 20 години од престанокот на закопувањето ако е земјиштето суво, а по истекот на 30 години ако земјиштето е влажно.
Ставот 2 на овој член од Законот предвидува дека роковите од претходниот став можат да се скратат ако гробиштата се користат за паркови.
Согласно член 12 од Законот, употребата на гробиштата се регулира со пропис на општината.
Ставот 2 на овој член од Законот, ја овластува општината да ја определи организацијата што ќе управува со гробиштата, врз основа на правилата што ќе ги утврди општината во зависност од големината и карактерот на населеното место.
Од наведените одредби од Законот, произлегува дека гробови се оние делови од земјиштето во кои е закопан лешот на човекот и како такви претставуваат предмети, кои додека е во нив лешот, се исклучени од граѓанско-правниот промет, односно подлежат на административно правно регулирање, како што е сторено во конкретниов случај.
Од изнесените законски одредби, исто така, се гледа дека општината е овластена: да утврдува кога употребата на гробиштата треба да престане од законски определени причини (нема повеќе место за закоп или од санитарни причини); со свој пропис да ја регулира употребата на гробиштата и да ја определува организацијата што ќе управува со гробиштата.
Законодавецот, пак, ја определил и новата намена на гробиштата, со тоа што истата ја условил со протек на временски интервал од 20 односно 30 години, од престанокот на закопувањето, во зависност од квалитетот на земјиштето (суво или влажно).
Имајќи ги предвид изнесените законски одредби и оспорената одлука, Судот оцени дека општината има законско овластување да забранува употреба на одредени гробишта и да ја определува нивната нова намена, како и да пропише задолжително пренесување на посмртните останки од старите на нови гробишта.
Начинот на кој се спроведува одлуката во смисла на тоа како ќе се врши ископот на горобовите, дали површината ќе се озеленува и дали на истата ќе се напасува добиток, е прашање од фактичка природа кое, согласно член 110 од Уставот, излегува надвор од доменот на надлежноста на Судот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Кр лески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.97/95