192/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 јуни 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 9 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за утврдување на висината, условите и начинот на остварувањето на додтоците на деца, донесен од министерот за труд и социјална политика (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/92, 46/92, 78/92, 11/93, 65/93, 20/94, 68/94 и 9/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Владимир Вешоски и Јован Доневски од Струга, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 9 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него била извршена измена во член 21 и 22 од Правилникот за утврдување на висината, условите и начинот на остварување на додатоците на деца при што граничниот цензус за остварување додаток на деца во висина од 1.700 денари за 1994 година не бил заменет за во 1995 година односно не бил утврден за 1995 година, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди дека согласно член 1 од Правилникот за утврдување висината, условите и начинот на остварувањето на додатоците на деца општествената заштита на деца се остварува во вид на додатокот на деца посебен додаток и опремување на новороденото дете.
Согласно член 11 од Правилникот додатокот на деца се остварува во зависност од просечните приходи по член на семејството остварени во последните три месеци пред поднесувањето на барањето, преку определување цензус на приходи по член на семејството.
Со членовите 21 и 22 од Правилникот се предвидува граничниот месечен приход за остварување додаток на деца по член на семејството и за самохран родител како и висината на додатокот на деца за предучилишна возраст, средно училиште, редовен студент на виша и висока школа. Притоа, секоја година во членовите 21 и 22 се утврдува граничниот цензус и висината на детскиот додаток. Така во 1994 година, граничниот цензус изнесува 1.700 денари, а во оспорениот член 9 од Правилникот во членовите 21 и 22 бројот 1994 година се заменува со 1995 година односно не се врши измена на цензусот тој останува со иста висина за 1995 година како во претходната година.
4. Согласно член 40 став 1 од Уставот Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, а согласно став 2 на овој член правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон. Според став 3 на овој член од Уставот родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата.
Според член 42 од Уставот Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.
Според член 18 од Законот за општествена заштита на децата (“Службен весник на СРМ” бр.6/81, 40/87, 17/91 и 38/91 и “Службен весник на РМ” бр.12/93) додатоците на деца како облик на општествена заштита се остваруваат во вид на додаток за деца, посебен додаток и учество во опремувањето на новороденче, а според став 2 на овој член висината, условите и начинот на остварувањето на додатоците на децата ги утврдува со општ акт министерот за труд и социјална политика.
Според член 19 став 1 од Законот, додатокот на деца се остварува во зависност од бројот на децата во семејството, од возраста на децата и од материјалната состојба на семејството.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека Републиката води посебна грижа за заштита на семејството и децата и малолетните лица. Притоа, родителите се должни да се грижат за издржувањето и подигнувањето на своите деца. Државата во согласност со своите материјални можности односно врз основа на економскиот и социјалниот развој презема мерки за помош на родителите.
Законодавецот, пак, општествената заштита на децата ја спроведува преку детски додаток, посебен додаток и учество во опремувањето на новороденче и дал овластување со општ акт министерот да ја утврди висината и условите за остварувањето на додатоците за деца.
Со оглед на тоа што со оспорениот член е утврден граничниот износ на месечен приход за остварувањето на со закон утврденото право на детски додаток, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со означените уставни и законски одредби.
За утврдување висината на граничниот месечен износ за остварување на детски додаток Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.192/95).