Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 јуни 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 12 од Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште во град Штип, донесена од Собранието на општина Штип на 28 јануари 1992 година (“Службен гласник на општина Штип” бр.1/92.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на:
а) член 2 од Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште во град Штип, донесена од Собранието на општина Штип на 11 февруари 1993 година (“Службен гласник на општина Штип” бр.1/93 и на
б) членовите 1 и 2 од Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежно земјиште во општина Штип, донесена од Собранието на општина Штип на 17 февруари 1994 година (“Службен гласник на општина Штип” бр.1/94).
3. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето на подносителите на иницијативата за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените акти, до донесување конечна одлука на Судот, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.
4. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Мишо Стојчевски и други граѓани од Штип, за поведување постапка за оценување законитоста на одредбите од одлуките означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со член 12 од првата одлука се предвидувало средствата од надоместокот за употреба на градежното земјиште да се наменат и за чистење на јавнопрометните површини, како и за одржување на градското и вонградското зеленило, а не само за изградба на комунални објекти и инсталации и за уредување, без одржување, на градежното земјиште, поради што оспорената одредба од Одлуката не била во согласност со член 46 од Законот за градежното земјиште. Понатаму, определувањето во член 2 од втората одлука висината на надоместокот за употреба на градежното земјиште да се утврдува во зависност од порастот на цените на мало, а не во зависност од погодностите што определено земјиште му ги дава на граѓанинот-корисник на земјиштето, значело дека оспорената одредба од Одлуката предвидува поинаков начин на утврдување на висината на надоместокот од начинот пропишан со член 48 од Законот за градежното земјиште, поради што таа одредба не била во согласност со означената законска одредба. Исто така, определувањето во членовите 1 и 2 од третата одлука средствата од надоместокот за употреба на градежното земјиште да се наменат и за одржување на спортските објекти и детските игралишта, како и за потребите на Фудбалскиот клуб “Брегалница” од Штип, значело средствата од надоместокот да се наменат и за цели кои не биле определени со член 46 од Законот за градежното земјиште, поради што означените одредби од Одлуката не биле во согласност со наведената законска одредба.
Воедно е побарано Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените одлуки, до донесување конечна одлука на Судот, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.
5. На седницата Судот утврди дека со член 12 од првата одлука се определува средствата од надоместокот за употреба на градежно земјиште во висина од 5% од собраниот износ, да се наменуваат за делумно финансирање на чистењето на јавно-прометните површини и за одржување на градското и вонградското зеленило.
Според член 46 став 1 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/89, 18/89 и 21/91) средствата од надоместокот за употреба на уредено градежно земјиште се користат за финансирањето на изградбата на комунални објекти и инсталации и за уредување на градежното земјиште во согласност со Програмата, а, според став 2, по исклучок дел од средствата во висина од 30% може да се употреби како учество во трошоците за одржување на комуналните објекти и на инсталациите што се утврдува со Програмата.
Со оглед на тоа што со член 12 од првата одлука се предвидува дел од средствата од надоместокот за употреба на градежното земјиште во висина од 5% да се наменат за чистење на јавно-прометните површини и за одржување на градското и вонградското зеленило, што претставува одржување на комуналните објекти, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означената законска одредба, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Понатаму, Судот на седницата утврди дека со член 2 од втората одлука се предвидува висината на надоместокот за употреба на градежното земјиште, утврдена во зависност од погодностите што ги дава земјиштето, да се корегира според порастот на цените на мало добиени од Републичкиот завод за статистика и дека оваа одредба престанала да важи со член 3 од Одлуката за измена на Одлуката за утврдување на надоместокот за употреба на градежно земјиште на град Штип, донесена од Собранието на Општината на 23 март 1995 година.
Исто така, Судот на седницата утврди дека со членовите 1 и 2 од третата одлука се определува средствата од надоместокот за употреба на градежното земјиште да се наменуваат и за одржување на спортските објекти и детските игралишта, како и за потребите на Фудбалскиот клуб “Брегалница” од Штип, и дека тие одредби престанале да важат со член 5 од истата одлука на 1 септември 1994 година.
Со оглед на тоа што означените одредби од втората и третата одлука престанале да важат пред поднесувањето на иницијативите односно пред да се поведе постапка, Судот утврди дека, согласно член 70 став 1 алинеја 6 од Деловникот на Судот, не постојат процесни претпоставки за постапување по иницијативата, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Имајќи ја предвид изнесената фактичка и правна состојба, Судот оцени дека не се исполнети условите за изрекување на времена мерка предвидени во член 27 од Деловникот на Судот, поради што одлучи како во точката 3 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.10/95, У.бр.129/95 и У.бр.130/95).
.