200/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јуни 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за допрецизирање на член 120 од Законот за предучилишно и основно воспитание и образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/83).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Милица Јелиќ од Скопје му поднесе иницијатива со барање да изврши допрецизирање на одредбите од Законот што се однесуваат на условите за наставниците по предметна настава во основните училишта и да се предвиди по предметот домаќинство настава да мож е да изведува и лице кое има повеќегодишно искуство во изведувањето на настава по овој предмет.
Притоа, во иницијативата се наведува дека по предметот домаќинство со години не се образувал соодветен кадар, поради неуреденост на ова прашање во Законот.
При чина за поднесување на иницијативата до Судот е што подносителката била наставник по предметот југословенска книжевност и српскохрватски јазик и домаќинство. Со укинувањето на српскохрватскиот јазик, таа предавала само домаќинство, но по две години поради нестручност да предава по овој предмет била прогласена за технолошки вишок, со што и било повредено уставното право на работа.
3. Судот на седницата утврди дека во член 120 од Законот за основно воспитание и образование се предвидени условите за наставниците и учителите што ја обавуваат воспитно-образовната дејност во основните училишта, при што е предвидено учители во основните училишта да можат да бидат лица кои завршиле педагошка академија – отсек одделенска настава, а наставници по предметна настава – лица кои завршиле соодветна еднопредметна или двопредметна група за образование на наставници на факултет, висока школа, ликовна академија и музичка академија.
Притоа, во Законот не е определено по секој предмет со каков вид на стручна подготовка може да се изведува настава, па ниту за предметот домаќинство.
Во однос на престанокот на работниот однос на подносителката на иницијативата Судот утврди дека со настапувањето на промените во наставните планови и програми во основните училишта во 1992 година престанало изучувањето на српскохрватскиот јазик, поради што подносителката на иницијативата била распоредена да предава домаќинство но без стручна квалификација. Во 1994 година е распоредено друго лице да предава по предметот домаќинство со соодветна стручна подготовка, поради што подносителката на иницијативата е прогласена за технолошки вишок и и престанал работниот однос во училиштето.
4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за уставноста на законите со Уставот, а според член 68 алинеја 2 од Уставот, законите ги донесува, па во тие рамки ги менува и ги дополнува Собранието на Република Македонија.
Според тоа, Судот не е надлежен да одлучува дали одредени законски одредби треба да се дополнат или допрецизираат и дали нивната примена создава правна празнина.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата за допрецизирање на член 120 од Законот за предучилишно и основно воспитание и образование.
Исто така, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за тоа дали на подносителката на иницијативата и престанал работниот однос во согласност со закон или не, затоа што тоа се поединечни акти чија уставност и законитост Уставниот суд не е надлежен да ја оценува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Милан Недков, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Никола Крлески, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.200/95