226/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јуни 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Решението за давање согласност за разрешување и назначување на урбанистички и градежни инспектори во Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, донесено од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Панче Тевчев од Титов Велес му поднесе иницијатива со барање Судот да поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на решението означено во точката 1 од ова решение, затоа што од денот на неговото донесување до денот на објавувањето поминал период од скоро два месеци, врз основа на што тој смета дека Владата смислено го забавила објавувањето на решението, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со оспореното решение на должноста урбанистички и градежни инспектори во Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина на подрачјето на Општина Гостивар, меѓу другите, се назначува Панче Тевчев , дипл,инг.архитект.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.
Со оглед на тоа што оспореното решение на Владата со кое, Панче Тевчев се назначува за урбанистички инспектор во Општината Гостивар, по својот карактер и природа е поединечен акт кој согласно горенаведената одредба од Уставот, излегува надвор од доменот на надлежноста на Судот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.226/95