Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 јуни 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за оценка на усогласеноста на работењето на банките со одредбите на Законот за банки и штедилници (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/94), донесена од Советот на Народната банка на Република Македонија.
2. На Уставниот суд на Република Македонја, “Силекс-банка” мешовита банка А.Д.-Скопје, му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основачкиот влог на банките го утврдувала на поинаков начин од оној што е утврден со закон.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука е утврдена документацијата и постапката за оценување на усогласеноста на работењето на банките со одредбите на Законот за банки и штедилници (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93 и 78/93). Со точката 2 алинеја 1 од Одлуката е утврдена обврска за банките кон барањето за оценка на усогласеноста на нивното работење со одредбите на Законот да приложат доказ дека основачкиот влог изнесува во парични средства најмалку во висина на денарска противвредност на 3.000.00 ДМ, односно 9.000.000 ДМ доколку банката бара да продолжи важноста на нејзиното овластување за работа на платниот промет и кредитирање со странство.
4. Според член 7 од Законот за банки и штедилници вкупниот износ на основачкиот влог на банката утврден со Одлуката за нејзиното основање не може да биде помал од денарската противвредност на 3.000.000 ДЕМ за домашна банка односно 1.000.000 за филијала на странска банка.
Според член 128 од Законот, банките што се основани пред влегувањето во сила на Законот имаат обврска своето работење да го усогласат со одредбите од законот во рок од две години од неговото влегување во сила.
Според член 20 од Законот, заради заштита на обврските кон своите доверители, банката мора да има гарантен капитал, со кој располага според мерилата што ги пропишува Народната Банка на Република Македонија. Согласно членот 21, во гарантниот капитал влегува и основачкиот влог, а поединечните видови гарантен капитал и нивната висина во рамките на гарантниот капитал ја пропишува Народната Банка.
Согласно член 17 од Законот, доколку, меѓу другото, основачкиот влог на банките подне под износот утврден со законот, надлежниот орган ја одзема дозволата за работа на банките.
Од наведените законски одредби произлегува дека со закон е утврдена висината на основачкиот капитал додека за утврдувањето на висината на гарантниот капитал е овластена Народната Банка на Република Македонија. Притоа, висината на основачкиот капитал е релевантна како услов за основање на банките, и таа се однесува само на банките што ќе се основаат по влегувањето во сила на Законот, додека висината на гарантниот капитал е релевантна како услов за работењето на банките и таа се однесува на работењето на сите банки, независно кога се основани. Со оглед на тоа што со Законот е утврдено дека составен дел на гарантниот капитал е и основачкиот капитал, произлегува дека во рамките на овластувањето да ја пропишува висината на одделните видови гарантен капитал, Народната банка е овластена да ја утврдува и висината на основачкиот влог кога се јавува во функција на составен дел на гарантниот капитал.
Судот смета дека висината на гарантниот капитал се јавува како елемент на усогласувањето на работењето на банките основани пред влегување во сила на Законот, односно дека утврдувањето на висината на основачкиот влог со оспорената одлука всушност претставува утврдување на обврската за одржување на висината на гарантниот капитал на банките чиј составен дел е и основачкиот влог, а не дека претставува изворно утврдување на висината на основачкиот влог како таков односно како услов за основање на банките, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот.
Врз основа на итзнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.109/95).