177/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 69 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јуни 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 1-е од Одлуката за дополнување на Одлуката за организирање на Јавното претпријатие “Комуналец” – Прилеп, донесена од Собранието на Општина Прилеп на 16 септември 1992 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесената иницијатива од Претпријатието за комунално, производно, услужни работи “Комуналец” – Прилеп, поведе постапка за оценување уставноста на членот 1-е од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека со членот 1-е од Одлуката е предвидено Собранието на Општина Прилеп да го утврдува бројот и составот на претставниците на општествената заедница кои учествуваат во одлучувањето во работата на Јавното претпријатие и дека овие претставници учествуваат во одлучувањето за основните намени за користење на средствата на програмите за развој и основните услови за добивање на доходот на работењето, именувањето и разрешувањето на работоводните органи, како и во донесувањето на статутот, финансискиот план и статусните промени.
5. Согласно член 114 став 2 од Уставот на Република Македонија, единици на локалната самоуправа се општините.
Со ставот 3 на овој член од Уставот, е предвидено општините да се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и од средства на Републиката.
Ставот 2 на член 115 од Уставот предвидува дека општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа, дека го врши Републиката.
Од наведените уставни одредби произлегува дека општините се единици на локалната самоуправа, а не општествено-политички заедници со што, всушност, се лишени од функцијата на државна власт која порано ја остваруваа преку своите органи и која сега ја остварува Републиката преку подрачните единици на соодветните министерства.
Исто така, од наведените одредби произлегува дека општината, како единица на локалната самоуправа нема уставно утврдени извори на средства туку дека тие се утврдуваат со закон, а нив ги ефектуираат надлежните органи на Републиката.
Според тоа, неспорно е дека сопственик на општествениот капитал, трансформиран во државен, е Републиката и дека општините можат со нив да управуваат само доколку Републиката им пренесе такви овластувања, согласно став 3 на член 115 од Уставот.
Имајќи ги предвид наведените одредби од Уставот, Судот утврди дека општините, со оглед на тоа што не се повеќе општествено-политички заедници, туку единици на локалната самоуправа и како такви лишени од функцијата на државна власт, не се овластени да делегираат свои претставници во органите на управувањето на јавните претпријатија, поради што утврди дека оспорениот член 1-е од Одлуката е несогласен со Уставот на Република Македонија.
Покрај тоа, Судот со Одлука У.бр.81/95 утврди дека Законот за работењето и управувањето на организациите на здружениот труд што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес, во кој овие прашања беа уредени на соодветен начин, е несогласен со Уставот и истиот го укина од тие причини.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков,Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.177/93)