74/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јуни 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на Деталниот урбанистички план на 11 урбана единица во Охрид, бр.08-7496/92, донесена од Собранието на Општина Охрид на 29 септември 1992 година.
2. На Уставнбиот суд на Република Македонија, Славко Колевски од Охрид му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на урбанистичкиот план означен во точката 1 од ова решение, затоа што на земјиштето на катастарската парцела КП.6312/3 и КП.6312/4, сопственост на подносителот на иницијативата, предвидувал изградба на улица, со што му се повредувало правото на сопственост, без притоа да постои јавен интерес утврден со закон, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека споменатите катастарски парцели се урбанистички решени во смисла што на истите е предвидено изградба на улица.
4. Согласно член 30 од Уставот на Република Македонија, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Од оваа одредба произлегува дека Уставот го гарантира правото на сопственоста со тоа што правата кои произлегуваат од неа можат да бидат одземени или ограничени само во случаи кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Согласно член 4 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/89 и “Службен весник на Република Македонија” бр.21/92), работите на уредувањето и употребата на градежното земјиште се дејност од посебен општествен интерес.
Исто така, согласно член 25-а од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90), дејностите на изработувањето на просторните и урбанистичките планови се работи од посебен општествен интерес.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорениот урбанистички план од аспект на повреда на правото на сопственоста, затоа што во овој случај општиот интерес е утврден со наведените законски одредби.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.74/95):