Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 јуни 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за времето и начинот на упатување на регрутите на отслужување на воениот рок, одлагањето и прекинот на служењето на воениот рок и отпуштањето на војниците од постојаниот состав на Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стојмен Стојменов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативат, со оспорениот правилник, а особено со одредбите на член 5 точка 5, член 6 став 3, член 10 и член 18 став 2 од Правилникот се уредувале прашања и односи кои биле содржани во поранешниот сојузен Закон за воена обврска, а за кои немало основ во Законот за одбрана. Тие прашања и односи можело да се уредуваат само со закон, а не и со правилник. Бидејќи Правилникот содржел одредби со кои се утврдувале права и обврски за граѓание и правните лица и се пропишувала надлежност на органите, тој не бил во согласност со Уставот и Законот за одбрана.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот правилник се уредуваат прашањата што се однесуваат на времето и начинот на упатување на регрутите на отслужување на воениот рок, одлагањето и прекинот на служењето на воениот рок и отпуштаето на војниците од постојниот состав на Армијата на Република Македонија.
Притоа, со член 5 точка 5 од Правилникот се уредува дека служењето на воениот рок по барање на регрутот се одлага ако регрутот има добиено одобрение за патување и привремен престој во странство заради лекување, извршување на службени работи, уредување на имотно-правни, семејни и слични односи или заради заминување во странство со родителите, службено или на работа најдоцна до календарската година во која навршува 26 години живот.
Според членот 6 став 3 од Правилникот, регрутот од член 5 точка 5 од овој правилник, кој привремено престојува во странство, а му е одложено служењето на воениот рок, должен е да се врати во Републиката и во рок од осум дена од денот на доаѓањето да се пријави заради регрутирање, односно упатување на отслужување на воениот рок.
Со член 10 став 1 од Правилникот се уредува дека служењето на воениот рок на војник може по негово барање да се прекине ако поради смерт или тешка болест на член на семејството или поради елементарна непогода, семејството се доведува во тешка положба поради неговата отсутност за времето додека постојат тие причини, а најмногу за една година. Според став 2 од овој член, служењето на воениот рок може да му се прекине на војник по негово барање или по барање на Сојузот за физичка култура на Република Македонија, заради негово учество во состав на репрезентацијата на Републиката на светско или европско натпреварување или на олимписки игри, доколку не користи отсуство за учество на овие спортски натпревари. Според став 3 од овој член на Правилникот, војникот на кој му е прекинато служењето на воениот рок од причините наведени во став 2 на овој член, се упатува на доотслужување на воениот рок во текот на календарската година во која е завршено натпреварувањето, а најдоцна до крајот на календарската година во која наполнува 27 години живот. Според ставот 4 од овој член на Правилникот, за прекинување на служењето на воениот рок на војник според одредбите на став 2 од овој член, решава воениот старешина што ќе го определи министерот за одбрана.
Според став 2 на член 18 од Правилникот, во служењето на воениот рок не се смета времето што војникот ќе го помине на: лекување и боледување поради повреда или друго онеспособување предизвикано со намера да ја одбегне воената служба или изврши некоја должност или да биде распореден на полесна должност, ако е тоа утврдено со правосилна пресуда; самоволно оддалечување или бегство од постојниот состав на армијата, што непрекинато траело најмалку 24 часа, и во притвор што против него е определен во кривична постапка, ако тоа време со правосилна пресуда му е засметано во казната поради извршеното кривично дело.
4. Според член 28 став 1 од Уставот на Република Македонија, одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин, а според став 2 од овој член на Уставот, остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.
Извршувањето на воената обврска, според член 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92), е едно од правата и должностите на граѓаните во одбраната на Републиката. Во таа смисла, според член 3 став 1 од Законот, воената обврска на граѓаните е општа, според член 4 од Законот, воената обврска се состои од регрутна обврска, обврска за служење на воен рок и обврска на служење во резервен состав, а според член 7 од Законот, служењето на воениот рок трае девет месеци, а по исклучок, војниците кои од верски убедувања не сакаат да примаат и носат оружје воен рок служат 14 месеци.
Обврската за служење на воен рок, поконкретно е разработена со одредбите на членовите 60 до 65 од Законот, при што се утврдени годините на старост на регрутите до кои тие мораат да се упатат на служење на воениот рок (по наполнување на 19 години живот – како правило, до 21 година живот за средношколците, до 26 години живот за регрути запишани на факултет, односно на друга висока или виша школа, до 27 години живот за регрут кој од било кои причини не е упатен на служење на воениот рок и до 30 години живот за регрут кој не ги извршувал (ги одбегнувал) обврските за служење на воениот рок). Понатаму, се утврдува кои регрути не се упатуваат на служење на воениот рок (кои се на издржување на казни и слично), како и се утврдуваат лицата кои се ослободуваат од обврската за служење на воениот рок.
Поаѓајќи од така утврдените основи, со член 64 од Законот (кој инаку е основ за донесување на оспорениот правилник), се овластува министерот за одбрана со правилник да го уреди времето и начинот на упатување на регрутите на отслужување на воениот рок, одлагањето и прекинот на служењето на воениот рок и отпуштањето на војниците од армијата.
Понатаму, според член 8 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Носител на законодавната власт, според член 61 од Уставот е Собранието на Република Македонија, кое, според член 122 став 2 од Уставот, има право и должност да донесе закон со кој ја уредува одбраната на Републиката. Носител на извршната власт, според член 88 од Уставот е Владата на Република Македонија, која согласно член 91 од Уставот, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува урдби и други прописи за извршување на законите. Според член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон. Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Од изнесените уставни одредби, произлегува дека организацијата и работата на органите на државната управа, а во тие рамки и нивните надлежности, се утврдуваат со закон, имајќи ја предвид нивната уставна положба, како дел од извршната власт. Во согласност со таа положба, спорд мислењето на Судот, органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, при што законот на чие извршување тие се однесуваат, мора да ги содржи основите за уредување на односите, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа.
Во конкретниов случај, Судот оцени дека министерот за одбрана има законско овластување за донесување на оспорениот правилник и дека во Законот се содржани основи за уредување на односите што се предмет на уредување на Правилникот, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и Законот за одбрана.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.153/95).