175/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 јуни 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 137 став 5 од Кривичниот закон на Република Македонија.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот што се однесува на колизијата помеѓу член 48 став 2 од Законот за внатрешни работи и член 88 став 2 од Кривичниот закон на Република Македонија-општ и посебен дел.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Душко Апостолоски адвокат од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 137 став 5 од Кривичниот закон на Република Македонија, како и колизијата на член 48 став 2 од Законот за внатрешни работи со член 88 став 2 од Кривичниот закон на Република Македонија -општ и посебен дел. Во иницијативата се наведува дека членот 137 став 5 од Кривичниот закон не бил во согласност со член 30 став 3 од Уставот, бидејќи со него се повредувало правото на сопственост на граѓаните на кои со одлука на редовен суд им се одземале предметите на недозволена трговија, во корист на државата.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека членот 48 став 2 од Законот за внатрешни работи бил во колизија со член 88 став 2 од Кривичниот закон на Република Македонија – општ и посебен дел. Имено, во членот 88 став 2 било утврдено дека правни последици не може да настапат кога на сторителот на кривично дела му е изречена парична казна, условна осуда или судска опомена, а членот 48 став 2 од Законот за внатрешни работи предвидувал настапување правна последица престанок на работен однос независно од видот на изречената санкција што било спротивно на одредбите од кривичниот закон.
4. Судот на седницата утврди дека согласно член 137 став 5 од Кривичниот закон на Република Македонија, стоките и предметите на недозволената трговија ќе се одземат.
5. Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Со член 14 став 1 од Уставот е утврдено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а според став 2, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.
Уставниот суд на Република Македонија, не содржи формална дефиниција за тоа што се смета за казниво дел, односно не ги утврдува видовите на казниви дела, поради што Судот смета дека е право на законодавецот да ги уреди овие прашања, односно да ги дефинира казнивите дела и зависно од нивната општествена опасност да утврди соодветни казни односно санкции, а како можна санкција за одреден вид на казниви дела да пропише и соодветни мерки на безбедност. Овие мерки претставуваат посебен вид на санкции кои покрај репресивниот карактер имаат и превентивна функција, затоа што со нивното изрекување, всушност се спречува можноста да се вршат казниви дела.
Притоа, пред Судот се постави прашањето дали со изрекувањето на одредени казни можат да се ограничуваат други со Устав загарантирани слободи и права на граѓаните.
Согласно член 51 став 2 од Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, а согласно член 8 алинеја 3 од Уставот, една од темелните врености на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото. Според тоа, секој граѓанин и секој субјект во Републиката при остварувањето на своите уставно гарантирани права е должен да го почитува Уставот и законите односно оваа должност значи остварување на начелото на владеењето на правото.
Според тоа, остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот, колку и да се тие демократски и сеопфатни не е апсолутно, затоа што тие не се цел сами за себе и не може да се остваруваат само индивидуално туку во заемност и меѓусебна зависност на луѓето, што значи дека со остварувањето на одредени слободи и оправа не смее да се повредуваат слободите и правата на другите граѓани или истите да се остваруваат на штета на други граѓани или на заедницата во целина.
Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост. Со став 2 на овој член веќе во одредена мерка се ограничува апсолутноста на ова право со тоа што се предвидува дека сопственоста создава не само права туку и обврски и истата треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Ова уставно ограничување на правото на сопственост значи дека ова право не смее да се злоупотребува и да се користи на штета на заедницата, па според тоа средствата што се во сопственост на граѓаните не би требало да се користат за вршење на казниви дела, а доколку се користат за таа цел неопходно е предвидување и на соодветни санкции.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека мерката на безбедност – одземање на стоки и предмети на недозволена трговија не излегува надвор од рамките на Уставот, поради што не се поставува прашањето за согласноста на членот 137 став 5 од Кривичниот закон со Уставот.
6. Во однос на наводите од иницијативата дека членот 48 став 2 од Законот за внатрешни работи бил во колизија со член 88 став 2 од Кривичниот закон на Република Македонија – општ и посебен дел, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на законите.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. У.бр.175/95).