176/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 мај 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 став 2 од Одлуката за продажба на становите на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката, во делот кој гласи “становите за службени потреби и становите на поранешна ЈНА” (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/92).
2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Тодо Петров и Ѓулистана Марковска, од Скопје му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорените одредби од одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што не биле во согласност со член 8 став 2, член 9 став 2 и член 51 од Уставот на Република Македонија и со Законот за продажба на становите во општествена сопственост, со кој не била предвидена можност одделни станови во општествена сопственост да не се продаваат, а како средства во општествена сопственост, согласно Законот за правата, обврските и одговорностите на републичките органи во поглед на средствата во општествена сопственост што тие ги користат, се сметале и становите за службени потреби. Со оглед на тоа што и становите за службени потреби биле општествени станови Владата не била овластена да го ограничува правото на продажба на овие стнаови, затоа што законодавецот утврдил генерална обврска за продажба на становите во општествена сопственост. Становите кои биле во сопственост на државата биле за сега општествени станови, па го поставуваат прашањето дали постои еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите ако на одделни функционери им се доделуваат станови со право на откуп, а на други се доделувале т.н. “станови за службени потреби”.
Со оглед на тоа што со член 8 став 2 од Уставот било предвидено дека во Република Македонија е слободно се што со Уставот и со закон не е забрането, во конкретниот случај со закон не била забранета продажбата на становите во општествена сопственост за службени потреби и за становите на ЈНА, а Владата тоа право го ограничувала со подзаконски акт, што не било во согласност со член 51 од Уставот, според кој сите прописи морале да бидат во согласност со Уставот и со закон. Поради изнесените причини, подносителите на иницијативата предлагаат Судот да ја поништи оспорената одредба од Одлуката.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се определуваат становите за продажба на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката, при што според член 2 како станови за продажба се становите што ги користат работниците во републичките органи, односно работниците на кои органи и организации и заедници обезбедени по основ на здружени средства со средствата за прибавување станови на работниците во републичките органи, становите на општините, самоуправните интересни заедници и на општествено-политичките организации што преминале во органите на Републиката и становите изградени со средства на здружители по основ на солидарност и доделени по основ на експропријација (станови на Републиката).
Според оспорениот став 2 на член 2 од Одлуката одредбата од став 1 на Одлуката не се однесува на становите за службени потреби на Републиката, становите на поранешната ЈНА и становите добиени по основ на т.н. присилни прописи.
Понатаму, Судот утврди дека условите и начинот на доделување на користење станови за службени потреби се утврдени со посебен закон, односно со Законот за правата, обврските и одговорностите на републичките органи во поглед на средствата во општествена сопственост што тие ги користат (Службен весник на СРМ” бр.41/85).
Со членовите 32 до 79 од овој Закон, во кој се утврдени условите и начинот за доделување на станови за службени потреби, меѓу другото, е предвидено дека под стан за службени потреби се подразбира стан потполно или делумно наместен или ненаместен што служи за привремено сместување на функционер, односно на раководен работник во републички орган. Стан за службена потреба може да се додели на функционер односно раководен работник во републички орган заради негово привремено сместување доколку во местото на вршење на должноста го нема решено станбеното прашање и нема стан во лична сопственост. Функционерот односно раководниот работник го задржува станарското право на станот што го користел во местото на постојано живеење (член 32).
Според член 33 од Законот функционерот односно раководниот работник не може да се стекне со станарско право на стан за службена потреба. Становите за службени потреби, според член 34 од Законот, не се здружуваат во самоуправна интересна заедница, туку со нив управува и стопаснисува Управата за заеднички работи.
Според член 36 од Законот функционерот односно раководниот работник во републички орган е должен да го ослободи службениот стан во рок од 30 дена од денот кога тој или член на неговото семејно домаќинство се здобил со станбена зграда или стан на трајно користење односно се здобил со станбена зграда или стан во сопственост и со денот на разрешување од должноста.
Што се однесува до становите на поранешна ЈНА, кои, исто така, се изземени со оспорената одредба од Одлуката, Судот утврди дека начинот и условите за нивна продажба се уредени со Законот за станбено обезбедување во ЈНА (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/90), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот е преземен како републички.
Од изнесената фактичка состојба произлегува дека посебен статус имаат становите во општествена сопственост што се доделуваат на користење со стнарско право на работниците во републичките органи, а посебен статус имаат службените станови што се доделуваат на функционерите и раководните работници во републичките органи и становите на поранешна ЈНА.
5. Со член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственоста при што Уставот не ја познава општествената сопственост, туку со Уставниот закон за спроведување на Уставот создава обврска со закон да се утврди начинот на трансформација на општествената сопственост во одреден вид сопственост во граѓанско-правна смисла.
Како дел од општествената сопственост претставуваа и општествените станови, кои на користење се доделуваат под посебни услови утврдени со Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86, 48/88, 11/91 и 62/93).
Според член 2 од овој Закон граѓанин што законито се вселил во стан во општествена сопственост врз основа на договор за користење на стан се здобива со право на тој стан трајно и непречено да го користи за задоволување на личните и семејните потреби под условите определени со овој Закон, со тоа што граѓанинот се стекнува со станарско право.
Според член 6 од овој Закон на становите за привремено сместување и за службени потреби, корисникот на станот не се стекнува со станарско право, туку само со правата и обврските утврдени со општиот акт на давателот на станот, односно договорот за користење на стан.
Понатаму, со Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/90 и 8/93) е предвидена само продажба на становите на кои постои станарско право. Имено, според член 3 од овој Закон станот во општествена сопственост може да се продаде на носителот на стнарското право или со негова согласност на член на неговото семејство кој е корисник на станот.
Според тоа, со овој Закон не е предвидена можност за продажба на општествени станови на лица кои не се носители на станарско право или кои не се корисници на стан во смисла на член 9 од Законот за станбени односи.
Тоа значи дека со овој Закон не е предвидена можност за продажба на становите за службени потреби, на кои корисникот не стекнува станарско право и кој може да го користи само до денот на разрешувањето од должноста, поради што Судот оцени дека оспорените одредби од Одлуката не се во несогласност со овој закон.
Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според мислењето на Судот со оспорената одредба од Одлуката не се повредува наведениот уставен принцип, затоа што ниту за исти статус на лица кои користат општествени станови со станарско право и службени станови, ниту, пак, станува збор за исти услови на доделување на користење на станови со станарско право и службените станови.
Исто така, Судот оцени дека Владата, како носител на извршната власт има уставно овластување да донесува прописи за извршување на законите, а во тие рамки и да донесе одлука за продажба на становите со кои располага Републиката, во смисла на Законот за продажба на становите во општествена сопственост. Меѓутоа, Владата при донесувањето на прописите за извршување на законите е должна да се движи во рамките на тие закони и не е овластена одредени прашања да ги уредува на поинаков начин од тоа како се уредени со закон.
Според тоа, Владата не е овластена да го уреди прашањето за продажба на службените стнаови или за становите на поранешна ЈНА, затоа што нивниот статус е утврден со закон и само законодавниот орган може да го уредува тоа прашање.
Судот, воедно, оцени дека на конкретниот случај став 2 на член 8 од Уставот, според кој во Република Македонија слободно е се што се Уставот и со закон не е забрането, не може да се примени, затоа што како што е наведено во Законот е дозволено да се продваат станови само на лица кои се носители на станарско право или корисници на стан на кои постои станарско право, што значи дека е забрането да се продаваат на лица кои немаат таков статус.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека на одделни функционери им се продавале службени станови, Судот оцени дека тоа се фактички прашања, за кои овој Суд не е надлежен да одлучува.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.176/95).