27/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и членовите 70 став 1 алинеја 1 и 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 и 24 мај 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВААТ
а) Тарифниот систем за дополнување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија донесен од Работничкиот совет на Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” на 30 јануари 1995 година;
б) Одлуката за поместување на цената на електрична енергија донесена од Работничкиот совет на Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” на 30 јануари 1995 година;
в) Одлуката за давање согласност на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија, донесена од Владата на Република Македонија на 30 јануари 1995 година, и
2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на највисокото ниво на цената на електричната енергија, донесена од Владата на Република Македонија на 30 јануари 1995 година.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија по поднесени иницијативи на Велибор Џаровски, Блаже Паневски, Мицко Стевков, Андреј Филковски, Димче Маџаровски, Стојан Чундев и Димитар Митрушевски, сите од Скопје, Синдикатот за градежништво – Скопје, Владимир Вешоски од Струга, Трајко Арсов од Титов Велес, Општинската организација на Сојузот на глуви и наглуви и Општинскиот сојуз на пензионерите од Прилеп, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што тие не се во согласност со начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот, со начелото на еднаква правна положба на субјектите на пазарот утврдено во член 55 од Уставот, и затоа што не се во согласност со член 52 од Уставот и со член 1 од Законот за измени и дополнувања на Законот за претпријатијата.
5. На седницата Судот утврди дека на 30 јануари 1995 година Работничкиот совет на “Електростопанство на Македонија” ги донел Тарифниот систем за измена и дополнување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија и Одлуката за поместување на цената на електрична енергија.
Судот, исто така, утврди дека по поведувањето на постапката за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти, на Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” е формиран Управен одбор, како орган на управување, наместо дотогашниот Работнички совет кој што ги донел оспорените акти.
Според член 1 од Законот за измени и дополнувње на Законот за претпријатијата, (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/93) со јавните претпријатија, меѓу кои и “Електростопанство на Македонија”, основани од Републиката управува управен одбор, кого го сочинуваат претставници на Републиката што ги избира Владата на Република Македонија и работници на јавното претпријатие. Управниот одбор го сочинуваат 11 членови од кои седум именува Владата, а четири се избираат од редот на вработените врз основа на стручност и компетентност.
Со јавните претпријатија основани од Републиката раководи директор кого го именува и разрешува Владата. Според членот 196-з став 1, одредбите од законите со кои се уредени прашањата за начинот и постапката за избор и именување на органите на управување и на работоводен орган во претпријатијата од посебен општествен интерес основани од Републиката престануваат да важат со влегување во сила на овој закон.
Со оглед на тоа што Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” е основано од Републиката и како такво врши дејности од јавен интерес, Судот наоѓа дека работничкиот совет не е овластен орган да го донесува Тарифниот систем и Одлуката за поместување на цената на електричната енергија.
6. Судот, исто така, утврди дека со Тарифниот систем за измена на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија и со Одлуката за поместување на цената на електричната енергија се утврдени тарифните ставови за потрошувачи на висок напон на 110 кв, 35кв, 10 кв и останата потрошувачка, и на тарифните ставови за категоријата на потрошувачи домаќинства и тарифните ставови на останата потрошувачка на низок напон (0,4 кв).
Понатаму, Судот утврди дека со донесените акти потрошувачите на висок напон и потрошувачите на низок напон во зависност од потрошувачката на електричната енергија, се поделени во групи и врз основа на тоа зависно од потрошувачката на електрична енергија се утврдува цената.
Со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Согласно став 2 на истиот член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување.
Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото уверување, имотната и општествената положба.
Согласно член 15 од Законот за облигационите односи во засновањето на двостраните договорни односи учесниците поаѓаат од начелото на еднаква вредност на взаемните давања.
Од изнесеното произлегува дека односите во користењето и плаќањето на електричната енергија се облигациони односи, затоа што и електричната енергија е стока. Како облигациони односи и во однос на нив се применува правилото на еквивалентност на меѓусебните давања како посебен израз на принципот на еднаквост во односите на пазарот.
Во таа смисла, Судот оценува дека друг критериум освен вредноста на потрошената електрична енергија не може да биде основ за различна положба на граѓаните и на другите корисници на електрична енергија.
Според тоа, утврдувањето на различните тарифни ставови во зависност од количината на потрошената енергија, а не со оглед на вредноста на потрошената енергија ги доведува корисниците во меѓусебна нееднаква положба, бидејќи цената на електричната енергија не е формирана според нејзината вредност, туку според критериум што не е непосредно поврзан со пазарната вредност на електричната енергија. Поради тоа, Судот утврди дека со тоа се нарушени уставно утврдените начела на еднаква правна положба на субјектите на пазарот и еднаквоста на граѓаните.
7. Судот утврди дека Владата на Република Македонија на 30 јануари 1995 година, согласно член 87 од Законот за енергетика, донесе Одлукат за давање согласност на Тарифниот систем за дополнување на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија.
Со оглед на тоа што Тарифниот систем и Одлуката на “Електростопанство на Македонија” се акти донесени од ненадлежен орган, во конкретниов случај Одлуката на Владата со која е дадена согласност на Тарифниот систем за измени и дополнувања на Тарифниот систем за продажба на електричната енергија не е во согласност со Законот.
8. Во однос на одлуката на Владата на Република Македонија за определување на највисокото ниво на цената на електричната енергија, Судот утврди дека нема основи за понатамошно водење на постапката и одлучи како во точката 2 од оваа одлука.
9. Судот, исто така, утврди дека Тарифниот систем и Одлуката за поместување на цената на електричната енергија со тоа што се донесени од претпријатие кое врши јавни овластувања, а не се објавени во “Службен весник на Република Македонија”, не се во согласност со член 52 од Уставот на Република Македонија.
10. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
11. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф талевски и д-р ТодорЏунов. (У.бр.28/95; 28/95; 34/95; 35/95; 49/95; 52/95; 77/95; 122/95; 125/95; 145/95; 148/95 и 149/95).