87/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и член 112 од Уставот на Република Македонија, и член 71 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 мај 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 95-а ставовите 3 и 4 од Законот за патишта (“Службен весник на СРМ” бр.15/80, 26/80, 18/82, 13/86, 28/88, 27/89, 10/90 и 11/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.62/93).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од Здружението на возачите: Штип, Струмица, Кочани, Делчево, Берово и Радовиш поведе постапка за оценување уставноста на член 95-а ставовите 3 и 4 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според член 95-а став 1 од Законот, покрај надоместокот од точката 3 на член 95 од овој закон, може да се приопише посебен надоместок на друмските моторни возила за давање на техничка помош и информации на моторизираните учесници во сообраќајот на јавните патишта, за отстранување од јавните патишта на оштетените возила и возилата во дефект, како и за други работи од значење за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на јавните патишта.
Со ставот 2 на овој член од Законот се определува дека висината на надоместокот од став 1 на овој член ја утврдува Владата на Република Македонија, во ставот 3 се утврдува дека средствата од посебниот надоместок се приход на Авто-мото сојузот на Македонија е должен на Владата на Република Македонија да и поднесува годишен извештај за извршување на програмата од став 3 на овој член.
5. Според член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 2 од овој член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монопоилското однесување на пазарот.
Со член 56 став 1 од Уставот се определува дека сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 2 од овој член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Тргнувајќи од тоа дека со одредбите на член 95-а ставовите 3 и 4 од Законот за патишта се утврдува средствата од посебниот надоместок на друмските моторни возила за давање на техничка помош и информации на моторизираните учесници во сообраќајот на јавните патишта, за отстранување од јавните патишта на оштетените возила и возила во дефект, како и за други работи од значење за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на јавните патишта, се приход на Авто-мото сојузот на Македонија, Судот оцени дека од содржината на овие одредби произлегува дека друг субјект не може да ги врши овие услуги на патот, бидејќи се доверуваат на овој сојуз, а на тој начин Сојузот се доведува во повластена, односно монополска положба и монополско однесување на пазарот, поради што утврди дека тие не се во согласност со одредбите на член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.87/95).