Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонја” бр.70/92), на седницата одржана на 19 април 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 25 и 33 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир – пречистен текст (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/84).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членовите 15, 21, 23 и 24 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за изрекување на времена мерка со која, до донесување на конечна одлука на Судот, ќе се запрат од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот закон.
4. На Уставниот суд на Република Македонија, Газменд Ајдарага од Дебар му поднесе иницијатива со барање Судот да поведе постапка за оценување уставноста на оспорените членови од законот означен во точката 1 од ова решение затоа што од нивната формулација произлегувала забрана за припадниците на националностите слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и национални особености, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.
5. На седницата, Судот утврди дека согласно член 25 од Законот како прекршок е предвидено истакнување на знаме, грб или сличен симбол на друга држава ако е тоа сторено без одобрение на надлежен орган.
Согласно член 5 став 1 од Уставот на Република Македонија државни симболи на Република Македонија се: грб, знаме и химна.
Ставот 2 на овој член од Уставот предвидува грбот, знамето и химната на Република Македонија да се утврдат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Од изнесеното произлегува дека Уставот упатува прашањата во врска со знамето да се уредат со закон.
Со Законот за знамето на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/92) се определува дека знамето на Република Македонија е црвено со златножолто сонце, дека сонцето е со осум основни и осум споредни сончеви зраци благо здебелени во првата половина, наизменично и симетрично наредени околу сончевиот знак… но, овој Закон не содржи одредби за начинот и условите на употребата на знамето, а во членот 3 определува дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да се применува постојното знаме на Република Македонија утврдено со Уставот на СР Македонија од 1974 година.
Исто така, Судот утврди дека Законот за употреба на знамињата кој е донесен во време на важењето на Уставот на СР Македонија и кој се уште е во сила, во членот 4 предвидува знамето на Република Македонија да се употребува при празнување на државни празници на Републиката, при прослава на свечености, при одржување на политички манифестации, на масовни културни, спортски и други приредби, како и при празнување во приватниот живот на граѓаните.
Согласно член 6 став 1 од овој закон припадниците на албанската, турската и другите народности… можат да го употребуваат знамето на народноста слободно во сите случаи во кои е предвидена употребата на знамето на Републиката.
Согласно член 7 став 1 од Законот припадниците на народностите… при празнувањето на државните празници и при прослави и свечености, покрај знамето на Република Македонија можат да го истакнуваат и знамето на народноста…
Од наведените одредби од Законот за употреба на знамињата произлегува дека на припадниците на народностите односно националностите им е дозволено да го употребуваат знамето на народноста во сите случаи предвидени за употреба на знамето на Република Македонија, со тоа што употребата на знамето на народноста е условено со едновремена употреба и на знамето на Република Македонија, поради што, според оценка на Судот, не може да се постави прашањето за уставноста на оспорениот Закон за прекршоците против јавниот ред и мир затоа што ја санкционира употребата на знамето, грбот или сличниот симбол на друга држава без претходно одобрение од надлежен орган.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека знамето како симболичен знак на секоја држава го определува нејзиниот суверенитет индивидуалитет во меѓународните односи, поради што, врз основа на овластувањето во Уставот, државата со закон ја уредува неговата употреба.
Според тоа, Судот смета дека граѓаните на Република Македонија, независно од тоа на која националност и припаѓаат, не можат да бидат ослободени од општите граѓански и други должности кои сите ги извршуваат врз основа на законите на државата во која живеат и дека таа обврска не може да се оквалификува како ограничување на припадниците на националностите слободно да го изразуваат и развиваат својот идентитет.
6. На седницата, Судот, исто така, утврди дека како прекршок е предвидено неовластено продавање или растурање на печатени работи и други предмети.
Согласно член 23 од Законот за јавно информирање (“Службен весник на СРМ” бр.20/74) како печат во смисла на овој Закон се подразбираат весниците, списанијата, билтените, списите, книгите, каталозите, проспектите без текст, плакатите, летоците, музичките ноти со текст или со објаснување и други слични печатени работи, кои се изработени на печатарски машини или умножени по некој друг механички или хемиски пат и кои се наменети за јавноста.
Согласно член 24 од овој закон со издавање и растурање на печат се занимаваат организациите на здружен труд, чија основна дејност е издавање на весници (новинска организација).
Согласно став 2 на овој член од Законот со издавање и растурање на печат можат да се занимаваат органи на општествено-политичките заедници, општествено-политичките организации… под условите определени со овој Закон.
Со оглед на тоа дека се уште е во сила Законот за јавното информирање од 1974 година, при постоење на претпријатија и други правни лица чија основна дејност е издавање и растурање на печат, Судот оцени дека оспорената одредба од член 26 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир која го санкционира неовластеното растурање на печатени работи и други видови информации, е согласна со Уставот на Република Македонија.
7. Понатаму, Судот утврди дека оспорените одредби од членовите 15, 21, 22, 23 и 24 од Законот биле оспорувани пред Судот поради терминолошка неусогласеност со Уставот на Република Македонија и дека Судот не повел постапка за оценување на нивната уставност затоа што утврдил дека со Законот за измени и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, е извршенотерминолошко усогласување, поради што согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, ја отфрли иницијативата за оценување нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
8. Што се однесува до барањето за изрекување на времена мерка со која, до донесување на конечна одлука на Судот, ќе се запрат од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот закон, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот за изрекување на таква мерка.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.189/94).