75/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членовите 70 и 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 април 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Правилникот за постапката, начинот и условите за приклучување на постојната јавна канализација на нови корисници како и зголемување на едновремен проток кај постојните корисници, донесен од Собранието на Заедницата на комуналните претпријатија на Република Македонија “Макком” – Скопје на 19 јануари 1993 година (“Службен весник на Репубика Македонија” бр.19/93).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива од ГП “Бетон” АД Скопје РЕ 4-то градилиште Битола со Решение У.бр.75/95 од 8 март 1995 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што оспорениот Правилник е донесен на ист начин и во постапка како и Правилникот за постапката, начинот и условите за приклучување на постојниот јавен водовод на нови корисници на вода како и зголемување на едновремен проток на постојните корисници на вода, кој Уставниот суд со Одлука У.бр.128/93 од 3 ноември 1994 година го поништи, поради што се постави прашањето за согласноста на оспорениот Правилник со Устав и со закон.
4. На седницата Судот, утврди дека со оспорениот правилник се утврдува постапката, начинот и условите за приклучување на постојната јавна канализација на нови корисници како и зголемување на едновремениот проток кај постојните корисници, начинот за утврдување на висината на надоместокот на трошоците кои се предизвикани кај давателот на услугата со приклучувањето на нови корисници односно зголемувањето на едновремениот проток кај постојните објекти (корисници).
Понатаму, Судот утврди дека согласно преамбулата на оспорениот Правилник, тој е донесен од Собранието на Заедницата на комуналните претпријатија на Република Македонија “Макком” од Скопје како Друштво со ограничена одговорност, кое е основано од повеќе јавни претпријатија но самото тоа не е јавно претпријатие.
5. Според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.
Согласно член 7 од Законот за работењето и управувањето на организациите на здружен труд што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес (“Службен весник на СРМ” бр.36/77), изградбата, адаптацијата, модернизацијата и реконструкцијата на објектите и уредите за вршење на комуналните дејности се врши според програмата за изградба на тие објекти и уреди што ја донесува комуналната организација. Со оваа програма се утврдуваат изворите и висината на средствата за нејзина реализација. Под комунална организација, според член 3 став 1 од Законот се подразбира организација регистрирана за вршење на комунални дејности од посебен општествен интерес.
Од изнесеното произлегува дека воведувањето надоместок за трошоците за изградба на комунални објекти и уреди е во исклучива надлежност на комуналните организации и тоа право не може да бид пренесено на други субјекти дури и ако се тие основани од јавни претпријатија регистрирани да вршат комунална дејност.
Со оглед на тоа што оспорениот Правилник е донесен од Заедницата на комуналните претпријатија “Макком” која е основана од повеќе јавни претпријатија што вршат комунални дејности, но кои не можат да пренесат свои јавно-правни овластувања на друг субјект, Судот оцени дека Правилникот не е во согласност со наведените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михејловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (З.бр.75/95).