Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 април 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 9 и 11 од Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Назми Малиќи, пратеник во Собранието на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 9 и 11 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со член 9 не била предвидена можност за стекнување на државјанство на Република Македонија за странец кој вонбрачно живее со државјанин на Република Македонија, со што се создавала нееднаквост меѓу брачните и вонбрачните заедници, што не било во согласност со член 40 став 2 од Уставот, според кој со закон би требало да се регулира начинот на стекнување на државјанство и за брачните и вонбрачните другари, во смисла на членовите 13 и 218 од Законот за семејството. Со член 11 од Законот сите македонци по потекло кои живееле надвор од границите на Република Македонија се ставале во поповолна положба при стекнувањето на државјанство на Република Македонија, што не било во согласност со уставната одредба дека Македонија е граѓанска, а не национална држава и со една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката за владеењето на правото, кое начело подразбирало еднаква примена на законските одредби на сите граѓани. Исто така, член 11 од Законот не бил во согласност со член 9 од Уставот, како и со член 49 став 1 од Уставот, кој пропишувал само можност за грижа на Републиката за положбата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, но не и да се признаваат одредени сегрегациони привилегии при стекнувањето на македонското државјанство.
3. Судот на седницата утврди дека во член 9 од Законот е предвидено странец кој е во брак со државјанин на Република Македонија најмалку три години и до поднесувањето на барањето законски престојува најмалку една година непрекинато на територијата на Република Македонијаллл да може со природување да стекне државјанство на Република Македонија иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2, точка 6 и точка 8.
Во член 11 од Законот е предвидено дека по исклучок од член 7 од овој закон, странец кој наполнил 18 години живот може со природување да стекне државјанство на Република Македонија ако тоа претставува посебен научен, економски, културен и национален интерес, а посебно за сите македонци по потекло кои живеат надвор од границите на Република Македонија.
Понатаму, Судот утврди дека по повод порано поднесена иницијатива ја оценувал уставноста на Законот за државјанството на Република Македонија, а посебно ја оценувал и уставноста на член 11 од Законот и со Решение У.бр.69/93 од 2 јуни 1993 година не повел постапка за оценување уставноста на Законот во целина, при што посебно се изјаснил дека и член 11 од Законот не е во несогласност со Уставот, затоа што утврдените поповолни условил се однесуваат на странци, а не за граѓаните на Република Македонија за кои со Законот се предвидени еднакви услови независно од националната припадност и потекло.
Исто така, Судот утврди дека по повод оценката на уставноста на член 7 од Законот во кој се утврдени условите за стекнување на државјанство на Република Македонија од страна на странци, со Решение У.бр.168/93 од 9 септември 1993 година, посредно се изјаснил дека и член 9 од Законот не е во несогласност со Уставот, од причини што оценил дека согласно член 29 од Уставот не постои уставна пречка со закон да се утврдат посебни услови под кои странец може да се стекне со државјанство на Република Македонија, а во тие рамки може да ја предвиди само брачната заедница со државјанин на Република Македонија како основ за стекнување на државјанство. Притоа, Судот оценил дека член 9 од Уставот се однесува само на граѓаните на Република Македонија, а не и на странците, кои слободите и правата гарантирани со Уставот на Република Македонија ги уживаат под посебни услови утврдени со закон и со меѓународни договори.
Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста на членовите 9 и 11 од Законот, а по повод сега поднесената иницијатива не наоѓа основ за поинакво одлучување, оцени дека нема основ за постапување по иницијативата.
Исто така, во однос на наводот од иницијативата дека член 9 од Законот не содржи одредби за признавање на вонбрачните заедници како основ за стекнување на државјанство на Република Македонија, иако според Законот за семејството брачната и вонбрачната заедница биле изедначени, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува за одредби што не ги содржи Законот и за евентуална меѓусебна несогласност со одредби од друг закон.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.101/95