Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеја 3 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 април 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на точката 4 од Инструкцијата за деблокада на жиро-сметките на претпријатијата – загубари и испл ата на заостанати плати кај претпријатијата – загубари, бр.08-154/1,донесена од Директорот на Заводот за платен промет на 31 јануари 1995 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива, од Општественото претпријатие Рудници за олово, цинк и преработка ” Злетово” – Пробиштип, за поведување постапка за оценување законитоста на одредбата од Инструкцијата озна чена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се пропишувало жиро-сметките на претпријатијата – загубари да бидат блокирани и по основ на побарувањата за кои пристигнале извршни судски одлуки, а не само за побарувањата по основ на пензиско-инвалидско осигурување, поради што таа одредба не била во согласност со член 3 став 2 и член 4 од Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/95).
Истовремено е побарано Судот да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на наведената одредба од Инструкцијата, до донесување конечна одлука на Судот, заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици.
3. На седницата Судот утврди дека во оспорената точка од Инструкцијата се определува дека жиро-сметките на претпријатијата – загубари не се ослободуваат од плаќање на данокот на промет на производи и услуги, данокот на промет на производи-акцизи, придонес за пензиско и инвалидско осигурување и извршни судски одлуки. Понатаму, Судот утврди дека со нова инструкција, бр.11-149/33, донесена од Директорот на Заводот за платен промет на 13 февруари 1995 година, се отстранува блокадата на жиро-сметките на претпријатијата – загубари по сите основи , освен за неисплатен придонес за пензиско и инвалидско осигурување, што значи дека точката 4 од првата инструкција престанала да важи.
Со оглед на тоа што оспорената одредба од првата инструкција престанала да важи со новата инструкција пред да се поведе постапка за оценување на нејзината законитост, а според член 70 став 1 алинеја 6 од Деловникот, Судот може да одлучува за законитоста на подзаконски акт кој престанал да важи само доколку пред тоа е поведена постапка, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за одлучување по иницијативата.
Поради тоа, Судот, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Бидејќи оспорената одредба од Инструкцијата престанала да важи, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 на Деловникот за изрекување на времена мерка.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.29/95