Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 април 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 67 став 1 точка 10 од Општите услови за испорака на електрична енергија (“Службен весник на СРМ” бр.38/84).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Владимир Станисавовски од Пробиштип му поднесе иницијатива за оценување законитоста на член 67 став 1 точка 10 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во него било предвидено исклучување на електричната енергија поради неплаќање на сметките, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со општите услови за испорака на електрична енергија се утврдуваат условите и начинот на приклучување на електроенргетски објекти на новите потрошувачи како и условите и начинот на испорака на електрична енергија на потрошувачите и тоа: услови, начин и постапка за давање електроенергетска согласност за приклучување на нови потрошувачи; услови и рокови и начин на склучување на договори за снабдување на потрошувачите со електрична енергија, услови за ремонт и поправка поради кои неминовно доаѓа до престанување на испорака на електрична енергија; услови и начин за ограничување на потрошувачката на електрична енергија, услови и начин за запирање на испораката на електрична енергија, начин на плаќање и други услови.
Согласно член 45 од Општите услови испорачувачот испорачува електрична енергија врз основа на склучен договор за испорака на електрична енергија, а според член 46 од Општите услови на потрошувачите од категоријата домаќинства електричната енергија им се испорачува врз основа на договор за пристапување. Договорот за пристапување согласно член 48 од општите услови се смета дека е склучен кога врз основа на писмено барање на потрошувачите, испорачувачот ќе ја приклучи инсталацијата на својата мрежа. Со склучување на договорот по пристапување согласно член 49 потрошувачот ги прифаќа во се општите услови, тарифниот систем и тарифните ставови за испорака на електрична енергија на испорачувачот.
Во оспорениот член 67 став 1 се предвидени условите кога на потрошувачот може да му се прекине испораката на електрична енергија, ако: користи електрична енергија без или спротивно на енергетска согласност, техничките уреди се неисправни односно не ги исполнуваат посебните норми, на предупредување на испорачувачот не го сведе врвното оптоварување на договорената висина, попречува на овластените лица приод до мерните уреди, оновезможи правилно регистрирање на потрошувачката на електрична енергија; сам или преку друго лице приклучи трошила на мерења на електричната енергија, во случај на ограничување на потрошувачката на електрична енергија не ги спроведува пропишаните мерки; и не ја плати сметката од последниот месец за потрошената електрична енергија.
Според став 3 на овој член од Општите услови прекинувањето на испораката на електричната енергија по претходно предупредување и определен рок на потрошувачите со договор за испорака на електрична енергија, испорачувачот на електрична енергија ќе го изврши врз основа на писмено решение кое е должен да им го врачи на потрошувачите, а потрошувачите по пристапување без решение.
Според член 70 став 2 од Општите услови ако потрошувачот на кој му се испорачува електрична енергија врз основа на договор за пристапување не ја плати сметката за испорака на електрична енергија во определен рок, испораката може да му се прекине ако сметката не ја плати ни во рок од 8 дена од денот на доставувањето на писмената опомена.
4. Согласно член 124 од Законот за облигационите односи во двостраните договори кога една страна не ја исполни својата обврска, другата страна може, ако не е нешто друго одредено, да бара да се исполни обврската или под условите утврдени со закон да го раскине договорот со проста изјава, ако раскинувањето на договорот не настапува по сила на самиот закон, а во секој случај има право на надомест на штета.
Согласно став 2 на член 125 од Законот доверителот може да го одржи договорот во сила ако по истекот на рокот, без одлагање го извести должникот дека бара исполнување на договорот. Кога доверителот барал исполнување на договорот, па не го добил во разумниот рок може да изјави дека го раскинува договорот.
Согласно член 142 од Законот, општите услови одредени од страна на еден од договорачите, било да се содржани во формуларен договор или, пак, на нив тој договор се повикува, ги дополнуваат посебните договори утврдени меѓу договорачите и по правило ги обврзуваат како и општите услови. Општите услови согласно став 2 на овој член од Законот мораат да се објават на вообичаен начин, а според став 3, општите услови ја обврзуваат договорната страна ако и биле познати или морале да и бидат познати во моментот на склучувањето на договорот.
Од изнесеното произлегува дека односите поврзани со наплатувањето цена за испорачка на електрична енергија се дел од облигационите односи што настануваат помеѓу претпријатието за испорака на електрична енергија и граѓаните во купопродажбата на електрична енергија како стока на пазарот.
Овие односи најнапред се уредени со општите услови за испорака на електрична енергија и претставуваат основ за право и обврска на договорните страни при заклучување на конкретните договори за испорака на електрична енергија.
Притоа, овие договори имаат карактер на двострано обврзувачки и товарни договори, па кога една договорна страна не ја исполни својата обврска, другата договорна страна може ако не е поинаку определено да бара од другата да ја исполни обврската или да го раскине договорот и во секој случај го задржува правото на надоместок на штета. Исклучувањето на потрошувачите од мрежата на електрична енергија има карактер само на техничка работа која што произлегува од раскинувањето на договорите откако доверителот побарал исполнување на договорот, но не го добил во разумниот рок.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека предвидувањето на исклучување на потрошувачите што не ги исполниле обврските за плаќање на сметките за потрошената електрична енергија има основа во Законот за облигационите односи, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 67 став 1 точка 10 од Општите услови за испорака на електричната енергија со Законот за облигационите односи.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.71/95).