123/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 април 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 12 од Законот за сметководството (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93 и 6/95).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Крсте Нелоски од с. Рековци-Прилеп му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата на член 12 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидувало водењето на деловните евиденции да го вршат стручни лица – овластени сметководители кои за тоа звање имале цертификат, што не било случај со многу други струки. На овој начин, лицата што имале соодветна школска подготовка, а немале цертификат, се ставале во нерамноправна положба во однос на другите граѓани за кои не било предвидено дополнително полагање на испит за докажување на стручноста, што било во несогласност со принципот за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.
3. Судот на седницата утврди дека според член 12 став 1 од Законот за сметководство водењето на деловните евиденции субјектот (правните лица со седиште во Република Македонија и физичките лица кии вршат дејност утврдена со Законот за единствена класификација на дејностите и кои се обврзници на данок од добивка) го доверува на стручно лице внатре или надвор од субјектот, според ставот 2, стручното лице – овластениот сметководител е одговорно за исправноста на евиденцијата и за реалноста на податоците и нивно презентирање пред институциите за контрола и ревизија според одредбите на овој закон, а според ставот 3 на овој член од Законот, стручното лице – овластениот сметководител е должен да се регистрира во регистерот при стручната организација.
Со став 4 од овој член на Законот се уредува дека стручната организација за сметководители, финансиери и ревизори ги определува условите и критериумите за стекнување на звањето на овластени сметководители и ревизори, а оваа организација, согласно ставот 5 од овој член, ги издава и ги одзема цертификатите на овластен сметководител и ревизор.
Според ставот 6 од овој член на Законот, субјектот е должен да го пријави овластениот сметководител во Министерството за финансии, а според ставот 7 од овој член, Министерството за финансии води регистар на овластени лица од став 2 на овој член.
Со член 87 од Законот е утврдено дека одредбите на член 12 ставовите 3, 4, 5, 6 и 7 ќе се применуваат од 1 јануари 1996 година.
4. Според член 9 став 1 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според мислењето на Судот, определувањето со закон, за одделни струки да се пропишува и бара посебна стручност за вршење на одделни специфични работи, како што е во конкретниот случај за овластените сметководители, а не за сите струки, и да се бара документ за докажување на својството на острученост на лицата што ќе ги вршат таквите работи, не значи нарушување на уставниот принцип за еднаквост на граѓаните. Тоа и оттаму што, условите и критериумите за стекнување на звањето овластен сметководител, се однесува за сите лица што се наоѓаат во иста положба и важи подеднакво за сите граѓани.
Тргнувајќи од изнесеното, Судот смета дека одредбите од Законот, според кои за водење на деловните евиденции се определува да се доверуваат на стручни лица – овластени сметководители, а кои тоа својство го докажуваат со цертификат издаден од стручна организација, не се нарушува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на член 12 од Законот за сметководството со одредбите на член 9 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.123/95).