Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 април 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 65 став 3 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 46/93).
2. СЕ ОТФРЛА барањето за поведување постапка за оценување уставноста на член 1 став 5 и 6 од Одлуката за стапката и основиците за пресметување и плаќање на придонесите за здравствено осигурување во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/91, 32/92 и 48/93).
3. СилванаВелјановска од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актите означени во точката 1 и 2 од ова решение. Според наводите од иницијативата утврдувањето дека основицата за пресметување на придонесите за задолжително здравствено осигурување не може да биде пониска од најниската цена на работната сила како и утврдувањето на можноста во некои случаи таа основица да претставува остварениот бруто личен доход, а во други случаи даночната основица ги доведувало граѓаните во нееднаква положба.
4. На седницата Судот утврди дека со член 12 од Законот за здравствена заштита се утврдени категориите на граѓани на кои им се обезбедуваат правата од основната здравствена заштита, меѓу кои, работниците во претпријатијата, лицата кои самостојно вршат дејност како и на работниците вработени кај нив. Со членот 64 од Законот е утврдена обврска за плаќање придонес од личниот доход на осигурениците заради обезбедување на средства за основната здравствена заштита, по пат на задолжително здравствено осигурување, при што како носители на оваа обврска се определени и двете наведени категории осигуреници. Со членот 65 став 1 е утврдено дека основица за здравствено осигурување е остварениот бруто личен доход. Според ставот 2, на граѓаните на кои не им се утврдува остварениот личен доход таква основица е даночната основица, а според ставот 3, и во едниот и во другиот случај основицата се утврдува најмалку во висина на цената на работната сила за соодветен степен на сложеност на трудот.
Со членот 1 од оспорената одлука е утврдена стапката на придонесот за задолжителното здравствено осигурување за основна здравствена заштита на работниците во организациите, на работниците кај приватните работодавачи, на граѓаните кои се занимаваат со дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓаните, граѓаните кои вршат професионална дејност и други. Притоа, со ставовите 1 и 2 е утврдено дека основицата за пресметување на придонесите претставува остварениот бруто личен доход на осигурениците, додека според ставот 3, за осигурениците на кои не им се утврдува личен доход основица за пресметување и плаќање на придонесот претставува нивната даночна основица. Понатаму, со ставот 4 утврдено е дека основицата за пресметување на тој придонес не може да биде помала од висината на цената на работната сила со најмала сложеност. Според оспорениот став 5, до утврдувањето на коефициентите за сложеноста на трудот со посебни прописи односно со колективен договор, наведената основица не може да биде пониска од најниската цена на работната сила корегирана со коефициентите, што со ставот 6 на оваа одредба од одлуката се утврдени за секој степен на стручна подготовка одделно.
5. Солгасно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјално осигурување утврдено со закон и со колективен договор. Спорд членот 9 од Уставот, граѓаните се еднакви во слободите и правата независно, меѓу другото, од општествената положба.
Од наведените уставни одредби произлегува дека правото на здравствено осигурување на граѓаните, како составен дел на социјалното осигурување, се остварува под услови, на начин и во постапка утврдени со закон и со колективен договор. Во тие рамки утврдувањето на основицата за пресметување на придонесите за здравствено осигурување претставува елемент од со Уставот утврденото овластување со закони да се утврдат условите и начинот на остварувањето на правото на граѓаните на социјално осигурување. Од нив понатаму, произлегува дека работниците во претпријатијата, од една страна, и работните луѓе кои вршат самостојна дејност и работниците вработени кај нив, од друга страна, со законот се меѓусебно изедначени како осигуреници – носители на права односно носители на обврски од здравственото осигурување. Во оваа смисла со Законот е утврден минимум придонеси што се плаќаат заради остварување на оваа заштита (задолжителното здравствено осигурување) кои подеднакво се однесуваат на сите категории осигуреници. Притоа, Законот утврдил и еднаква мера за утврдување на висината на тие придонеси, што ја врзал за висината на личниот доход (бруто.личен доход) која еднакво се однесува на сите осигуреници на кои им се пресметува личен доход) односно за висината на даночната основица, која, исто така, еднакво се однесува на сите осигуреници на кои не им се пресметува личен доход. Притоа, висината на таа основица (повторно како еднаква мера за сите) е врзана за сложеноста на трудот и е утврден еден минимум на таа основица, кој не може да биде помал од најниската цена на работната сила, како елементарен услов за обезбедувањето на минимум право од здравственото осигурување – основната здравствена заштита.
Судот оцени дека оспорените одредби од Законот утврдуваат еднакви критериуми за пресметување на стапките на придонесите за здравствено осигурување на онеи категории осигуреници кои се наоѓаат во еднаква фактичка положба и тоа – личниот доход како основица во случаите кога на дадена категорија осигуреници им се утврдува личен доход (без разлика дали се работници или работодавачи или самостојни занаетчии), односно даночната основица за оние осигуреници на кои не им се утврдува личниот доход. Од тоа произлегува дека оспорените законски одредби содржат еднаква мера за исти категории осигуреници и нееднаква мера за различни категории осигуреници (според критериумот дали им се утврдува или не им се утврдува личен доход).
Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со уставниот принцип на еднаквоста.
6. Со оглед на тоа што одлуката наведена во точката 2 од ова решение веќе била предмет на оцена на уставноста и законитоста, односно со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за прашањето за нејзината уставност и законитост, а нема причини за поинакво одлучување, согласно член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата во делот што се однесува на оваа одлука.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.68/95 и 69/95).