Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 април 1995 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 307 од Законот за царините (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/93).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Стопанската комора на Македонија – групација шпедиција – Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на членот 307 од Законот означен во точката 1 на ова решение затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди согласно членот 307 од Законот, прекршочната постапка во прв степен ја води и решение за прекршок донесува Комисијата за прекршоци во прв степен, а во втор степен Комисијата за прекршоци во втор степен.
Ставот 2 на член 307 од Законот предвидува овие комисии да бидат составени од по три члена од кои едниот член е претседател и дека претседателот и членовите имаат свои заменици.
Согласно ставот 3 на овој член од Законот, претседателот и членовите на Комисијата за прекршоци во прв степен, како и нивните заменици, ги определува директорот на Царинската управа од редот на работниците на царинарницата, а претседателот и членовите на Комисијата за прекршоци во втор степен како и нивните заменици – од редот на работниците на Царинската управа.
5. Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Исто така, со член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Од наведените одредби произлегува дека жалбата, како правно средство воопшто, а во управната постапка посебно, има цел да даде можност во второстепената постапка да одлучува орган што не бил вклучен кога по правната работа се одлучувало во прв степен.
Според тоа, Судот утврди дека со предвидувањето по жалбата да одлучува второстепената комисија за царински прекршоци при Царинската управа, заинтересираните лица се лишени од можноста да водат постапка од втор степен, затоа што и во тој степен всушност решава истиот орган што ја донел обжалената одлука.
Имајки го предвид изнесеното, Судот утврди дека предвидувањето на комисија од втор степен што ќе одлучува по одлуките донесени од комисијата од прв степен при истата царинска управа, претставува само еден вид контрола, а не одлучување на второстепен орган по жалба во права смисла на зборот, поради што утврди дека членот 307 од Законот е несогласен со Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.272/93