93/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 111 од Уставот на Република Македонија и член 69 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 март 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 218 став 2 од Закконот за органите на управата (” Службен весник на СРМ” бр.40/90).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на нејзиното објавување во “Службен весник на Република Македонија”
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијативата на Владимир Борнаров од Скопје, со Решение У.бр.93/94 од 22 февруари 1994 година поведе постапка за оценување уставноста на членот 218 став 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. На седницата Судот утврди дека со ставот 1 на член 218 од Законот е предвидено работникот да има право на приговор против секое решение со кое се одлучува за неговите права и должности во врска со работниот однос во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, доколку со овој закон не е поинаку определено. Според став 2 на овој член од Законот, органот што го донел решението против кое е поднесен приговор е должен да ги разгледа наводите во приговорот и да донесе решение. Исто така, Судот утврди дека согласно ставот 3 на овој член од Законот, решението што се донесува по повод поднесениот приговор е конечно.
5. Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија се гарангира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања. Со член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институтции што вршат јавни овластувања.
Од наведените одредби произлегува дека граѓаните имаат право на судска заштита односно право на жалба против поединечните правни акти донесени, меѓу другите, и од управните органи, при што Уставот не предвидува исклучок од ова правило, односно можност со закон да се предвиди поинакво решение во смисла по правниот лек да одлучува органот што го донел решението против кое е поднесен приговорот.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека смислата на член 15 и член 50 став 2 од Уставот, по жалбите на поединечните правни акти на сите граѓани на Републиката, па и на работниците во органите на управата е да се обезбеди двостепеност во одлучувањето, односно можност за одлучување од страна на друг орган кој не учествува во првостепената постапка.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во соста в од претседателот на Судот Д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, Д-р Никола Крлески, Олга Лазова, Д-р Стојмен Михајловски, Д-р Милан Недков, Бесим Селими, Д-р Јосиф Талевски и Д-р Тодор Џунов.
У.бр.93/94