Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членовите 70 и 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 март 1995 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 7 со кој се додаваат два нови члена 7-а и 7-б и член 10 во делот што се однесува на давањето согласност на статусните промени на претпријатието, проширување на дејностите на претпријатието како и вршењето именување и разрешување на директорот, од Одлуката за изменување на Одлуката за определување комунални дејности односно работи кои се од посебен општествен интерес за град Скопје и за уредување начинот на остварувањето на посебниот општествен интерес во работењето на организациите на здружен труд што ги вршат тие дејности, донесена од Собранието на град Скопје на 29 декември 1993 година.
2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање на извршувањето на актите и дејствијата донесени односно преземени врз основа на оспорените членови од одлуката означена во точката 1 на оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и произведува правно дејство од денот на објавувањето.
4. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Јавното претпријатие “Комунална хигиена” ц.о. Скопје, со Решение У.бр.23/94 од 1 февруари 1995 година поведе, постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон. Истовремено Судот го запре извршувањето на актите и дејствијата донесени односно преземени врз основа на оспорените членови од Одлуката.
5. Судот на седницата утврди дека согласно членот 7-а од Одлуката, со јавните претпријатија основани од градот Скопје управува управен одбор. Управниот одбор го сочинуваат претставници на Градот, на општините од подрачјето на Градот и на работници на јавното претпријатие. Претставниците на Градот во управниот одбор ги именува и разрешува Собранието на град Скопје, а на општините собранието на соодветната општина. Управниот одбор има 11 члена од кои два именува Собранието на град Скопје, по еден собранијата на општините и четири избираат работниците на јавното претпријатие врз основа на стручност и компетентност.
Според член 7-б од Одлуката управниот одбор во работењето и одлучувањето во јавното претпријатие донесува особено планови и програми за работа и развој, одлучува за цената на услугите, дава предлог за именување и разрешување на директорот на јавното претпријатие, го донесува финансискиот план и завршната сметка и врши други работи утврдени со закон, одлука на Градот и статут на претпријатието.
Членот 10 од Одлуката уредува дека за претпријатијата основани од Градот, Собранието на град Скопје дава согласност на: статутот на претпријатието, плановите и програмите за работа и развој, статусни промени на претпријатието, проширување на дејностите на претпријатието, како и врши именување и разрешување на директорот.
6. Според член 58 став 1 од Уставот, основа за управување и учество во одлучувањето се сопственоста и трудот. Притоа, Уставот во врска со управувањето во претпријатијата и другите стопански субјекти не определува поблиски основи за тоа, ниту упатува дека овој принцип поблиску ќе биде разработен со закон.
Согласно Уставот, остварувањето на посебниот општествен интерес во вршењето на дејностите или работите на јавните претпријатија повеќе не е уставна категорија. Меѓутоа, според мислењето на Судот, тоа што посебниот општествен интерес не е повеќе уставна категорија и не претставува повеќе основ за остварување на влијанието на државата врз вршењето на дејноста на јавните претпријатија, не значи дека во реалниот живот на државата не постои интерес определени односи да се уредат на определен начин заради задоволување одредени потреби на општеството или граѓаните.
Согласно член 117 став 1 од Уставот, градот Скопје е посебна единица на локална самоуправа, чија организација се уредува со закон.
Според член 196-б од Законот за претпријатијата, постојните организации на зружен труд од посебен општествен интерес можат да се организираат како јавно претпријатие со донесување на одлука на надлежната општествено-политичка заедница за организирање.Општествено-политичката заедница учествува во управувањето во јавното претпријатие сразмерно на вложениот капитал, што се смета задржавна сопственост.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека значајна улога во претпријатието стекнува сопственикот на капиталот. Нему, како вложувач на капиталот му се признаваат права како во поглед на управувањето, така и во поглед на одлучувањето, а тоа значи дека капиталот и трудот се рамноправни основи за стекнување на правото на управувањето. Со оглед на тоа што градот Скопје не е повеќе општествено политичка заедница туку е посебна единица на локална самоуправа. Судот оцени дека не е ставен во иста позиција како Републиката во однос на општествениот капитал што е трансформиран во државен капитал односно дека единствен сопственик на државниот капитал е државата. Поради тоа Судот оцени дека нема уставен и законски основ, Собранието на град Скопје во јавните претпријатија основани од него чиј капитал е на државата со своја одлука да го уредува прашањето за управувањето на претпријатието, составот на управниот одбор, раководењето со јавното претпријатие и да го именува и разрешува директорот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.23/94).