Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 март 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Статутот на Холдинг компанијата “СОЛУН” АД Гевгелија, донесен од Собранието на Холдингот на 6 јули 1992 година и изменет и дополнет на 28 мај 1993 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Борис Поцев и Ѓорѓе Дучков од Гевгелија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Статутот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се изигрувале правата на акционерите бидејќи тие биле лишени од правото на управување со Друштвото и со нивните акции, а Холдинг компанијата не ги штитела подеднакво правата на акционерите и била основана со многу пропусти што имало влијание и на неправилности во самото работење. На овој начин, Статутот се јавувал како извор на злоупотреби на акционерското право, со што било повредено правото на сопственост и правото на управување, што не било во согласност со член 30 од Уставот на Република Македонија и со одредбите на членовите 101, 120, 127, 145-б и 169 од Законот за претпријатијата.
3. Судот на седницата утврди дека Статутот на Холдинг-компанијата “СОЛУН” Акционерско друштво во приватна сопственост од Гевгелија, не е пропис во смисла на одредбите на членовите 51, 42 и 110 од Уставот на Република Македонија и е непогоден за уставно-судско оценување, поради што оцени дека не е надлежен да одлучува за неговата согласност со Уставот и законите.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкат 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.191/94).