У.бр.4/1995

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за отстранување на времени објекти кои се наоѓаат на аголот помеѓу ул.”Браќа Гиноски” и ул.”ЈНА” во Гостивар, донесена од Собранието на Општина Гостивар на 8 ноември 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Јелица Лазаровска, Таип Љуши и Абдулбари Љуши му поднесоа иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во програмата за уредувањето на градежното земјиште за 1994 година за подрачјето на Општина Гостивар не била предвидена реализација на урбанистички план на делот од градот каде што се наоѓале лоцирани привремените објекти, па нивното предвремено одстранување не било во согласност со закон.

Воедно, од Судот се бара да донесе решение со кое ќе ги запре поединечните акти и дејствија заради спречување на настанување на неотстранливи штетни последици.

3. На седницата Судот утврди дека во член 1 од оспорената одлука е предвидено времените објекти кои се наоѓаат на аголот помеѓу ул.”Браќа Гиновски” и “ЈНА”, а за реализација на Деталниот урбанистички план на град Гостивар да се отстранат за да може да се уреди просторот на тој дел од градот – согласно деталниот урбанистички план, а според член 2 за извршување на одлуката се задолжува Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – подрачна единица – Гостивар.

4. Разгледувајќи ја иницијативата, Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис или општ акт за кои согласно член 110 од Уставот би бил надлежен Уставниот суд, туку тоа е поединечен акт со кој треба цда се отстранат конкретни објекти заради реализација на детален урбанистички план, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р тодор Џунов.