124/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на
а) член 15 став 2 и член 18 од Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92, 19/93 и 9/94);
б) член 401 став 1 и 3, и членовите 404, 405, 407 и 408 од Законот за процесната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77, 36/80, 69/82, 58/84, 74/87, 57/89, 20/90, 27/90 и 35/91);
в) членовите 416 и 417, член 420 став 1 и член 421 од Законот за кривичната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.4/77, 14/85, 74/87, 57/89 и 3/90);
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на:
а) членовите 409, 410, 411, 412, 413, 414 и 415 од Законот за процесната постапка;
б) член 417 став 2, 3 и 4 и член 418 од Законот за кривичната постапка.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Адвокатската комора на Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од означените закони не биле во согласност со членовите 101 и 106 од Уставот на Република Македонија. Имено, според член 101 од Уставот, Врховниот суд на Република Македонија го обезбедувал единството во примената на законите од страна на судовите и поради тоа за заштита на законитоста требало да одлучува овој суд, на непосредно барање од странките учесници во постапката, а не на барање на јавното обвинителство. Според член 106 од Уставот, Јавното обвинителство не било надлежно да покренува барање за заштита на законитоста и дека ова право му припаѓа само во сверата на кривичното гонење кога тоа настапува како странка, односно со бришењето на одредбата “и вложува правни средства заради заштита на законитоста” од предлогот на Уставот на Република Македонија, му било одземено правото на јавното обвинителство да вложува правни средства заради заштита на законитоста и ова право не можело да биде утврдено со закон. Со одземањето на ова овластување се имало за цел да се избегне контролата на јавното обвинителство над судската власт, а да се заштитат граѓаните од неговото дискреционо право при употребата на ова правно средство.
4. На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 15 став 2 од Законот за јавното обвинителство во процесната, вонпроцесната, извршната, управната и другите постапки јавното обвинителство презема дејствија за кои е овластено со овој или друг закон. Со членот 18 од Законот е предвидено кога јавниот обвинител на Република Македонија ќе најде дека поради повреда на закон или на меѓународен договор постои основ да употреби правно средство против извршна судска одлука или одлука донесена во управна или друга постапка, за што е овластен со закон, може да бара да се о дложи односно да се прекине извршувањето на таа одлука, ако со нејзиното извршување би можело да настапат неотстранливи штетни последици.
Барањето за одлагање, односно прекинување на извршувањето од ставот 1 на овој член го поднесува јавниот обвинител на Република Македонија, овластен да го употреби правното средство против таквата одлука. Барањето за одлагање, односно прекинување на извршувањето се поднесува до судот, односно органот надлежен за дозволување на извршувањето, а ако извршувањето е во тек, до судот, односно надлежниот орган кој го спроведува извршувањето.
По барање од јавниот обвинител на Република Македонија, судот односно надлежниот орган ќе го одложи односно прекине извршувањето ако оцени дека барањето е основано.
Одлагањето, односно прекинувањето на извршувањето трае до донесувањето на одлуакта по правното средство на јавниот обвинител.
Одлуката за одлагање односно за прекинување на извршувањето престанува да важи ако јавниот обвинител на Република Македонија во рок од 30 дена од денот на приемот на одлуката не употреби правно средство.
Според член 401 став 1 од Законот за процесната постапка, кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применува како републички, против правосилна судска одлука јавниот обвинител може да подигне барање за заштита на законитоста во рок од 3 месеци.
Според став 3 на овој член против одлуката од став 1 на овој член донесена во втор степен против која странките изјавиле ревизија јавниот обвинител може да подигне барање за заштита на законитоста само во рок од 30 дена од денот од кога му е доставена ревизијата на онаа странка чија ревизија му е доставена порано (член 390 став 1 – примерок од навремена, целосна и дозволена ревизија претседателот на советот на првостепениот суд ќе достави до противната странка и до јавниот обвинител надлежен за подигање барање на заштита на законитоста).
Според член 404 јавниот обвинител може да подигне барање за заштита на законитоста:
1. Поради суштествени повреди на одредбите од процесната постапка од член 354 став 1 и 2 на овој закон, освен ако повредата се однесува на месната надлежност (член 354 став 2 точка 4), ако првостепениот суд донел пресуда без главна расправа, а бил должен да одржи главна расправа (член 354 став 2 точка 9), ако е одлучено за барање за кое веќе тече процес (член 354 став 2 точка 11) или ако противно на законот била исклучена јавноста на главната расправа (член 354 став 2 точка 12);
2. Поради погрешна примена на материјалното право.
Јавниот обвинител не може да подигне барање за заштита на законитоста поради пречекорување на тужбеното барање ниту поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба.
Со членот 405 е предвидено според одредбата од член 394 став 1 од овој закон судот надлежен да одлучува за барање за заштита на законитоста ќе постапи и кога ќе утврди дека постои суштествена повреда на одредбите на процесната постапка од член 354 став 1 на овој закон што е оспорена во постапката пред првостепениот суд.
Според член 407 за седницата на која судот ќе одлучува по барањето за заштита на законитоста ќе се извести надлежниот јавен обвинител (член 403).
Според член 408 кога решава за барање за заштита на законитоста судот ќе се ограничи на испитување на повредите што јавниот обвинител ги истакнува во своето барање.
Ако во членовите 401 до 407 од овој закон не е определено нешто друго, во постапката по повод барањето за заштита на законитоста согласно ќе се применуваат одредбите на член 384, членовите 387 до 395 и членовите 397 до 399 од овој закон.
Според член 416 од Законот за кривичната постапка, кој, исто така, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применува како републички, против правосилна судска одлука и против судската постапка што им претходела на тие судски одлуки, надлежниот јавен обвинител може да подигне барање за заштита на законитоста ако е повреден законот.
Според член 417 став 1 за барањето за заштита на законитоста решава судот определен со републички закон.
Според член 420 став 1 од Законот при решавањето за барањето за заштита на законитоста Судот ќе се ограничи само на испитувањето на повредите на законот на кои се повикува јавниот обвинител во своето барање, а според членот 421 од овој закон е предвидено дека судот со пресуда ќе го одбие барањето за заштита на законитоста како неосновано ако утврди дека не постои повреда на законот на која се повикува јавниот обвинител.
5. Согласно член 101 од Уставот на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.
Согласно член 106 од Уставот јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.
Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Врховниот суд на Република Македонија го обезбедува единството на примената на законите од страна на судовите, додека основна функција на јавното обвинителство е да ги гони сторителите на кривичните дела и да се грижи за навремено и ефикасно откривање на кривичните и другите казниви дела и нивните сторители и во тие рамки да поднесува барање за поведување кривична постапка и постапка по други казниви дела и да покренува и застапува обвинение. Покрај оваа основна функција јавното обвинителство врши и други работи утврдени со закон. Притоа, Уставот не содржи поблиски определби туку е препуштено другите работи што ги врши јавното обвинителство да се утврдат со закон, ниту ги ограничил само на извршувањето на неговата основна функција, односно во сверата на кривичното гоне ње,- поради што Судот смета дека е право на Собранието во зависност од интересот на Републиката да утврди работи што ќе ги врши јавното обвинителство.
Поаѓајќи од карактерот на барањето за заштита на законитоста како вонреден правен лек востановен со цел да обезбеди законитост во работата на судовите и дека основа за негово покренување е повреда на закон и не само на законите во криви чната свера, како и поаѓајќи од функцијата на државата во остварувањето на заштитата на законитоста, а со тоа и во остварувањето на темелнита вредност на уставниот поредок на Републиката, владеењето на правото, според мислењето на Судот, покренувањето на барањето за заштитата на законитоста како државна функција, Републиката може да го довери на јавното обвинителство, кое и во овој случај настапува како државен орган. Притоа, прифаќајќи го принципот на легалитет при употребата на ова правно средство, јавното обвинителство е обврзно да го употреби, како во случаите кога тоа е странка во постапката, така и во случаите кога ќе оцени дека е повреден законот на штета на граѓаните и правните лица. Според тоа, Судот смета дека надлежноста на јавното обвинителство да покренува барање за заштита на законитоста, кога тоа е утврдено со закон, има своја основа во уставната определба дека јавното обвинителство врши и други работи утврдени со закон.
Од друга страна, Уставот со членот 15 го гаранатира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган и организација или други институции што вршат јавни овластувања и во таа смисла Судот смета дека граѓаните се рамноправни со јавното обвинителство при остварувањето на оваа уставна гаранција.
Исто така, според мислењето на Судот преку барањето за заштита на законитоста јавното обвинителство не врши контрола над судската власт, ниту го обезбедува единството во примена на законите, затоа што тоа само оценува дали ќе го користи ова правно средство, а Врховниот суд е тој што одлучува по ова барање,
Тргнувајќи од оценката дека остварувањето на заштита на законитоста е грижа на државата, што Собранието на Република Македонија може да ја довери на јавното обвинителство, како и од фактот дека Уставот не гарантира вонредни правни лекови против поединечните правни акти и дека со покренувањето на барањето за заштита на законитоста јавното обвинителство не врши контрола над судската власт, ниту обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите, Судот оцени дека оспорените одредби од означените закони не се во несогласност со членовите 101 и 106 од Уставот.
6. Во поглед на барањето од иницијативата Судот да поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од членовите 409, 410, 411, 412, 413, 414 и 415 од Законот за процесната постапка и од член 417 став 2, 3 и 4 и од член 418 од Законот за кривичната постапка, Судот утврди дека со нив се уредуваат надлежностите на сојузниот јавен обвинител и постапувањето на Сојузниот суд по барањата за заштита на законитоста.
Според член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија, а според ставот 4 на овој член сојузните прописи со кои се уредуваат организацијата и надлежноста на органите на федерацијата не се применуваат во Република Македонија.
Со оглед на тоа што согласно Уставниот закон во Република Македонија не се применуваат сојузните прописи со кои се уредува надлежноста на сојузниот обвинител, Судот оцени дека не постои основ за нивно оценување.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Про евски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.124/93, 125/93 и 126/93