57/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 71 и член 79 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 март 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 49 и членовите 85 до 121 од Статутот на Централното основно училиште “Ванчо Прке” во Делчево, донесен на 17 април 1992 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и произведува правно дејство од денот на објавувањето.
Одлуката ќе се објави и во училиштето на начин предвиден за објавување на општи акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.57/94 од 23 ноември 1994 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со закон.
4. На седницата Судот утврди дека во член 49 од Статутот се утврдуваат условите за именување на индивидуален работоводен орган во Училиштето. Во членовите 85 до 99 се уредува организацијата на учењето и учеството на претставници на општествената заедница. Од членот 100 до 121 од Статутот се уредуваат прашања за правата и обврските на учениците. На сите наведени членови од Статутот кои уредуваат прашања што се од значење за остварување на јавниот интерес, а кои се применуваат, не е дадена согласност од Собранито на Република Македонија.
5. Според член 5 од Законот за предучилишно и основно образование и воспитание (“Службен весник на СРМ” бр.19/83, 29/89, 15/90, 11/91 и 40/91) основното воспитание и образование е дејност од посебен општествен интерес. Според член 248 од Законот, согласност на одредбите претставниците на општествената заедница и условите за именување на индивидуален работоводен орган, дава Собранието на Република Македонија.
Од цитираните одредби од Законот произлегува дека основното воспитание и образование е дејност од јавен интерес, па на одредбите од статутите со кои се уредуваат тие прашања, согласност дава Собранието на Републиката.
Со оглед на тоа што на член 49 и членовите 85 до 121 од Статутот во кои се уредуваат прашања за остварување на јавен интерес, а кои се применуваат, не е дадена согласност од Собранието на Републиката, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените законски одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.57/94).