21/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 март 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 13 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија Газменд Ајдарага дипл.инг.агр. од Дебар му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 13 став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него била предвидена задолжителна обврска за изрекување на заштитната мерка одземање на предмети, и забрана на вршење на дејност или професија, кога такви мерки биле со закон пропишани за одреден прекршок. Ваквата законска одредба не била во духот на уставните темелни вредности, а посебно со уставното право на сопственост и правото на работа, затоа што овие заштитни мерки биле со трајно, а не со времето дејство. Понатаму во иницијативата се наведува дека со оглед на тоа што како предмет на заштитна мерка-одземање на предмет можеле да бидат и недвижности, и што вредноста на одземениот предмет можела да биде многу поголема од најтешката прекршочна казна со што се загрозувала животната егзистенција, ваквите мерки не одговарале на уставните одредби.
3. Судот на седницата утврди дека според член 8 од Законот за прекршоците (“Службен весник на СРМ” бр.43/84, 42/85, 50/87, 10/88, 30/89, 42/89, 7/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.25/92, 63/92 и 12/94), прекршокот е повреда на јавниот поредок утврден со закон или со друг пропис, за кој е пропишана прекршочна санкција. Како прекршочни санкции, според член 5 од Законот се казната, прекршочна опомена, укорот и заштитните мерки. Во рамките на општата цел на прекршочните санкции целта на заштитните мерки, според член 44 од Законот е да се отстранат состојбите илиусловите што можат да влијаат сторителот во иднина да врши прекршоци. Според член 45 од Законот, заштитните мерки се пропишуваат со закон, а како заштитни мерки, покрај другите, можат да се пропишат одземање на предмети и забрана на вршење професија, дејност или рабта и работни задачи.
Во член 47 од Законот е предвидено дека предметите што се употребени или биле наменети за извршување на прекршокот ќе се одземат ако се сопственост на сторителот на прекршокот односно ако со нив располага правното лице сторител на прекршокот.
Исто така, според став 2 на овој член, предметите од став 1 можат да се одземат и кога не се во сопственост на сторителот на прекршокот, ако тоа го бараат интересите на општата безбедност, чувањето на животот и здравјето на луѓето, сигурноста на стоковиот промет или причините на јавниот морал, како и во други случаи предвидени со закон. Со одземањето на предметите не се засега во правото на трети лица на надоместок на штета од сторителот. Со закон или со друг пропис може да се пропише задолжително одземање на предметите.
Во член 48 од овој Закон е предвидено дека на сторителот на прекршокотќе му се забрани вршење на определена дејност или професија на сите или само на некои работи и работни задачи ако сторителот ја злоупотребил својата положба, вршење на дејноста или на работите и работните задачи заради извршување на прекршок, или ако неговото натамошно вршење на професија, дејност или работи би било опасно за животот и здравјето на луѓето. Оваа заштитна мерка може да се изрече во траење од три месеци до една година.
Во оспорениот член 13 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците е предвидено судијата или друг овластен орган што ја води постапката за прекршоци со примена на одредбите од членовите 47 и 48 од Законот за прекршоците и соодветните одредби на законите со кои е пропишано изрекување на некоја од овие заштитни мерки, секогаш ќе изрече заштитна мерка, одземање на предмети и заштитна мерка забрана на вршење на професија, дејност и работа и работни задачи, ако таква мерка со закон е пропишана за тој прекршок.
4. Според член 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Со член 14 став 1 од Уставот е утврдено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а според став 2, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.
Уставот на Република Македонија, не содржи формална дефиниција за тоа што се смета за казниво дело, односно не ги утврдува видовите на казниви дела. Тоа значи дека уставот не ги разликува казнивите дела според степенот на општествената опасност и затоа сите принципи на казнените постапки се однесуваат на казнивите дела воопшто. Материјалното дефинирање на прекршоците (член 8 од Законот за прекршоците) нив ги определува како повреда на јавниот поредок утврден со закон или со друг пропис, за кој е предвидена прекршочна санкција и ги определува прекршочните санкции, од што може да се извлече заклучок дека во својата суштина прекршоците се казниви дела односно тие претставуваат општествена опасност што се создава со нивното сторување, а казнувањето е начин за спроведување на таа општествена опасност.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека постои уставен основ со закон да се утврдат казнивите дела, како и да се утврдат казните за сторување на утврдените казниви дела, и како можна санкција за одреден вид на казниви дела да се пропишат и соодветни заштитни мерки, кои претставуваат посебен вид на санкции кои покрај репресивниот карактер имаат и превентивна функција, затоа што со нивното изрекување, всушност се спречува можноста да се вршат казниви дела.
Според тоа, Судот смета дека со закон можат и прекршоците да се предвидат како еден вид казниви дела и за нив да се пропишат прекршочни санкции, а кои дејствија ќе се предвидат како прекршок и какви прекршочни санкции ќе се утврдат е прашање за кое одлучува законодавното тело.
Согласно член 51 став 2 од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите, а согласно член 8 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото. Според тоа, секој граѓанин и секој субјект во Републиката при остварувањето на своите уставно гарантирани права е должен да го почитува Уставот и законите односно оваа должност значи остварување на начелото на владеењето на правото. Остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот, не е апсолутно, затоа што тие не се цел сами за себе и не може да се остваруваат само индивидуално туку во заемност и меѓусебна зависност на луѓето. Тоа значи дека со остварувањето на одредени слободи и права не смее да се повредуваат слободите и правата на другите граѓани или истите да се остваруваат на штета на други граѓани или на заедницата во целина.
Остварувањето на уставната должност на граѓаните и на другите субјекти за почитување на Уставот и законите претставува и основа за санкционирање не само на должностите утврдени во Уставот туку и на сите должности на секого за неисполнување на обврските предвидени со закон.
Со Уставот се поставуваат рамките на остварувањето на правата и слободите на човекот и граѓанинот. Така, со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост. Со став 2 на овој член веќе во одредена мерка се ограничува апсолутноста на ова право со тоа што се предвидува дека сопственоста создава не само права туку и обврски и истата треба да служи за добро на поединецот ина заедницата. Ова уставно ограничување на правото на сопственост значи дека ова право не смее да се злоупотребува и да се користи на штета на заедницата, па според тоа средствата што се во сопственост на граѓаните не би требало да се користат за вршење на казниви дела, а доколку се користат за таа цел неопходно е предвидување и на соодветни санкции.
Тргнувајќи од уставната должност за почитување на Уставот и законите, Судот оцени дека постои уставна основа за санкционирање на одредени дејствија со кои се повредуваат други слободи, права и должности утврдени со Уставот, а со тие санкции и да се ограничи правото на сопственост ако користењето на тоа право е на штета на други слободи и права, како и да се ограничат други слободи и права.
Врз основа на изнесеното, Судот смета дека предвидувањето на заштитните мерки одземање на предмети и забраната на вршење на дејност или професија не излегува надвор од рамките на Уставот и дека нивната цел е остварување на принципот на заемност меѓу определени права и должности, односно со неа се овозможува користењето и остварувањето на определени права да биде условено со исполнување на определени обврски.
Дали, пак, предвидените заштитни мерки се соодветни на сторениот прекршок и дали во одредени случаи со нивното изрекување може да се доведе во прашање социјалната сигурност на граѓаните, Судот оцени дека е тоа прашање на целисходност односно прашање на казнената политика, за што овој Суд, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното,Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.21/95).