74/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 февруари 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за усвојување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на 4-та урбана единица Охрид, донесена од Собранието на Општина Охрид на 17 февруари 1994 година.
2. СЕ СТАВА вон сила решението со кое се ЗАПИРААТ од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, донесена на 7 декември 1994 година.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива на група граѓани од Охрид застапувани од адвокатот Предраг Симовски од Скопје, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.
5. На седницата Судот утврди дека на 8 ноември 1993 година било донесено решение за ставање на јавен увид на нацрт-измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план на 4-та урбана единица во Охрид. Според решението, нацрт-планот требало да биде истакнат во просториите на Месната заедница “Воска” од 8 до 22 ноември 1993 година, а по протек на тој рок работните луѓе и граѓаните своите предлози и забелешки можеле да ги доставуваат во писмена форма во рок од 15 дена до органот надлежен за работите на урбанизмот.
Судот, исто така, утврди дека на 23 ноември 1993 година е одржана јавна расправа по нацрт измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план во Охрид.
На јавната расправа, е донесен заклучок: дека “планот за 4-тата урбана единица е прифатлив, со исклучок на просторот “Флека” во близина на “Младинскиот центар” на кој простор треба да се прави зелен појас и рекреационен центар за целата Месна заедница “Воска” а не да се градат згради”.
Судот, утврди дека по забелешките од јавната расправа по нацрт-планот на подрачјето на Месната заедница “Воска” во непосредна близина на Младинскиот центар дека не требало да се градат станбени објекти а надлежниот орган на управата за работите од урбанизмот одговорил дека изградбата на станбени објекти е предвидена со Основниот урбанистички план за Охрид.
Од Основниот урбанистички план за Охрид Судот утврди дека предметниот простор е предвиден за колективни станови. Понатаму, Судот утврди дека на 10 февруари 1994 година Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија – подрачна единица Охрид се обратило до Републичкиот завод за заштита на природните реткости во Скопје, овој орган да даде свое мислење за предложените измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за 4-тата урбана единица.
На 16 февруари 1994 година (еден ден пред одржувањето на седницата на која е донесена оспорената одлука), Републичкиот завод за заштита на природните реткости преку факс го доставил своето мислење до Министерството за урбанизам, градежништво, соограќај и екологија-подрачна единица Охрид. Во мислењето, покрај другото, се дадени одредеи забелешки во смисла на тоа што катноста на објектите за колективно станување да се ограничат на П+5, а оние објекти кои гравитираат спрема Охридското Езеро односно, кои се поставеи во должина на Улицата “Васил Стефковски” да се ограничат на П+3. Во мислењето исто така се наведува дека целиот простор треба да се оплемени со повеќе зелени површини и површини за спорт и рекреација и врз таа основа да се прифати првобитното решение на дел од просторот каде, наместо објектите за колективно станување, означени во проектот П+М+4 (7 објекти) и П+4+Пк (4 објекти) лоцирани покрај колекторската улица “Васил Стефковски”, е предвиден спортско-рекреативен центар.
На седницата на Собранието од 17 февруари 1994 година на која е расправано за Деталниот урбанистички план за 4-тата урбана единица е донесена Одлука за усвојување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за 4-тата урбана единица во Охрид. При тоа на самата седница, а согласно мислењето на Републичкиот завод за заштита на природните реткости измената е катноста на објектите П+М+4 како што било предвидено со нацрт-планот, и е донесен залучокот со кој се предвидува П+3. Меѓутоа, овој заклучок не е содржан во оспорената одлука, туку само во графичкиот приказ и на спорниот простор е предвидено комплекс згради П+3.
Во оспорената одлука е предвидено дека со неа се усвојуваат измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за 4-тата урбана единица.
Составен дел на измените на текстуалниот дел е графичкиот приказ бр.325/94, одговорот по приговорите на граѓаните и содржани се одредби за примена на планот.
Во член 3 од Одлуката е предвидено дека се задолжува изработувачот на планот Институт за урбанизам и архитектура “План” во Охрид во рок од 20 дена од денот на усвојувањето на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за 4-тата урбана единица, да изготви пречистен текст, а истиот да биде даден на чување на стручната служба на собраниски работи при Собранието на Општина Охрид.
Судот утврди дека Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија дало согласност на предлог-планот за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за 4-тата урбана единица во Охрид на 16 март 1994 година, по донесувањето на Одлуката за усвојување на Деталниот урбанистички план за 4-тата урбана единица.
Судот, исто така, утврди дека во постапката пред донесувањето на Деталниот урбанистички план за 4-тата урбана единица не е вклучен Заводот за заштита на спомениците на културата и Народниот музеј во Охрид.
5. Според член 19-а од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90), урбанистичкиот план содржи особено: резиме за оценетите потреби и можности на просторниот развој; намена и функционална организација на подрачјето опфатено со планот, со граници на опфатот на планот; сообраќајно решение; комунална и друга инфраструктура; биланси и услови за изградба на станбени, стопански,општествени и спортско-рекреативни објекти и зелени површини; мерки за заштита на човековата околина, природното и градителското наследство; мерки за одбрана и заштита и спасување од воени разрушувања; одредби за спроведување на планот и графички прилози.
Според член 26 од Законот, во текот на изработката на програмата и урбанистичкиот план се обезбедува задолжителна соработка со заинтересирани органи, а особено со органите и организациите надлежни за работите на развојна и економска политика, народна одбрана, внатрешните работи, комунално стопанство, водостопанство, сообраќај, здрав ство, образование, култура, физичка култура, заштита на природата и на спомениците на културата и на човековата околина.
Според член 31 од Законот, просторниот и урбанистичкиот план се изработуваат во две фази – нацрт на план и предлог на план. Нацртот на просторниот и урбанистичкиот план задолќително се ставаат на јавна расправа. Јавната расправа ја спроведува органот надлежен за работите на урбанизмот, со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до надлежниот орган во писмена форма, во рок од 15 дена од завршувањето на јавната расправа.
Согласно член 32 од Законот, урбанистичкиот план пред донесувањето задолжително се доставува до републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот на согласност заради оцена на нивната меѓусебна усогласеност, како и усогласеност со просторните планови и со одредбите на овој закон.
Од изнесените законски одредби произлегува дека просторниот и урбанистичкиот план се изработува во две фази: нацрт на план и предлог на план; дека по нацрт на планот се води јавна расправа на која граѓаните ги доставуваат своите забелешки до органот надлежен за работите на урбанизмот; дека графичкиот и текстуланиот дел на планот треба да претставуваат една целина и тие треба да се идентични; дека тоа што е предвидено во текстуалниот дел треба да е изразено во графичкиот приказ на планот; дека пред донесувањето на планот е потребно задолжителна соработка со одредени органи и организации и дека е потребна претходна согласност од органот на управата надлежен за работите на урбанизмот.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај мислењето на Републичкиот завод за заштита на природните реткости било презентирано на денот на одржувањето на седницата на Собранието на која е донесена оспорената одлука и еден дел од него е прифатен со споемнатиот заклучок, а при тоа заклучокот не е вграден во одлуката, ниту е објавен во “Службен гласник” во кој е објавена оспорената одлука; што пред донесувањето на планот не е вклучен Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид; што согласноста од Министерството за урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија е дадена по донесувањето на оспорената одлука, Судот оцени дека оспорената одлука не е донесена во постапка предвидена со закон.
7. Со оглед на тоа што Судот ја укина оспорената одлука, престанува времената мерка, поради што одлучи како во точката 2 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.74/94).