68/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 февруари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измена и дополна на Деталниот урбанистички план на град Гостивар, донесена од Собранието на Општина Гостивар на седницата одржана на 22 мај 1988 година, во делот што се однесува на урбанистичката единица “Бег Маало”.
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Советот на Месната заедница ” Бег Маало” – Гостивар, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што одлуката не била донесена во постапка пропишана со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање, односно не постоеле докази дека биле спроведени јавен увид и јавна расправа за донесување на Планот и Планот бил донесен без согласност на Месната заедница “Бег Маало”.

3. На седницата Судот утврди дека Нацрт на планот бил изложен на јавен увид и била одржана јавна расправа. Јавната расправа била одржана и во месните заедници “Мара Угринова”, “Македонско Маало” и “Бег Маало” на 5 февруари 1988 година.
4. Според член 31 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85), кој важел во времето на донесувањето на оспорената одлука, просторните и урбанистичките планови задолжително се ставаат во фаза на нацрт на план на јавен увид и се одржува јавна расправа. Притоа, во Законот не е предвидена обврска месните заедници да даваат согласност за донесување на плановите.

Со оглед на тоа што оспорената одлука во фазата на нацрт на планот била ставена на јавен увид и била одржана јавна расправа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означената законска одредба.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точ ката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Клрески, Олга лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-рЈосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. У.бр.68/94