203/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 февруари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 399 од Законот за облигационите односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/78, 39/85 и 57/89).
2. Боро Ташулов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законската одредба означена во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата, со оспорената законска одредба се прави разлика помеѓу граѓаните (поединци) и другите субјекти на облигационите односи (субјекти на договорите од стопанството), со што се нарушувала уставно гарантираната рамноправност на сите субјекти на пазарот, што не било во согласност со член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија. Понатаму, врзувањето на висината на стапката на договорената камата со висината на каматата на штедните влогови по видување стимулирало договарање на повисока камата и било неправедно. Најпосле, ограничувањето на висината на стапката на договорената камата не било во согласност со слободата на пазарот и претприемништвото.
3. На седницата, Судот утврди дека со член 399 од означениот закон се уредени односите поврзани со стапката на договорената камата како еден од видовите на парични обврски помеѓу субјектите во облигационите односи. Притоа, со став 1 утврдено е дека стапката на договорената камата меѓу поединци не може да биде поголема од каматната стапка што се плаќа на штедните влогови по видување во местото на исполнување на обврската. Со став 2 на оспорената законска одредба е утврдено дека во поглед на највисоката каматна стапка меѓу други лица се применуваат одредбите на посебен закон. Според ставот 3, ако каматата е договорена, но не е утврдена стапката и времето на доспевање, по9меѓу поединци важи каматната стапка што банката или друга банкарска организација ја плаќа, односно ја договара за таков или сличен вид работи и доспева по истекот на годината, ако за определени случаи не е определено нешто друго. Согласно став 4, ако договорената камата е поголема од дозволената, ќе се примени најголемата дозволена стапка на камата.
4. Со член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Согласно ставот 2, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Според мислењето на Судот, принципот на еднаквоста се нарушува ако на ист вид субјекти во ист правен однос им се даваат различни по вид и обем права и обврски и обратно, ако на различен вид субјекти во ист правен однос им се даваат исти по вид и обем права и обврски. Судот смета дека физичките лица од една страна и правните лица од друга страна не претставуваат ист вид на субјекти во правото воопшто и во облигационите односи, посебно. По правило, граѓаните слободно можат да влегуваат во секој вид облигациони односи, додека правните лица по правило, во посебни видови облигациони односи влегуваат под посебни услови утврдени со посебни закони за соодветни односи. Нивната различна положба во правните односи претставува основа за утврдување на нивната различна положба и во поглед на можностите за утврдување на висината на договорената камата во облигационите односи. Основната цел на ваквото раздвојување на овие два, во основа различен вид правни субјекти, е на различен начин – прилагоден на нивната различна природа – да се спречи склучувањето на т.н. “зеленашки” договори преку врзувањето на стапката на договорната камата за општите движења на каматните стапки, и тоа за граѓаните со нејзино врзување на каматата на штедните влогови по видување, а за правните лица со општите движења во стопанството односно со параметри утврдени со посебните закони од таа област.
Поради тоа, Судот оцени дека со ваквиот начин на утврдување на висината на стапката на договорената камата не се поврецдува уставниот принцип за еднаквоста на субјектите на пазарот.
Судот смета дека и во однос на прашањето дали утврдувањето на највисоката стапка на договорената камата е во согласност со уставната гаранција на слободата на пазарот и претприемништвото, од суштинско значење е карактерот на односите поврзани со договорената камата во облигационите односи. Имено, тоа е облигационен однос со парични обврски, чиј составен елемент е каматата како цена на парите во економска смисла. Оспорената одредба има за цел цената на парите во облигационите односи помеѓу граѓаните да ја изедначи со цената на парите во најспецифичните и најмасовните правни односи со парична обврска – со штедните влоговои односно со кредитните односи во стопанството. Ваквото изедначување (или барем приближување) произлегува од потребата да се спречи наметнувањето на таква камата која не е резултат на пазарната цена на парите чиј израз претставува движењето на каматите на штедните влогови по видување, односно каматите од банкарските работи со стопанството, туку резултат на монополската положба на одделни субјекти на пазарот на пари.
Поради тоа, Судот смета дека основата на законското определување на договорената камата во облигационите односи со парични побарувања произлегува од уставното утврдување на обврската на Републиката да ја спречува монополската положба и монополското однесување на пазарот и оцени дека и по овој навод во иницијативата нема основи за поставување на прашањето за уставноста на оспорената законска одредба.
Во однос на прашањето покрената во иницијативата за економските ефекти од максимирањето на договорената камата и за нејзината праведност или неправедност, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.203/94).