200/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 февруари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на системтизацијата на работните места, донесена од Управниот одбор на “Современ дом” АД ПО Прилеп, на 14 февруари 1994 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија Кунески Димитрија и Чутански Ѓорѓи од Прилеп му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точка 1 од ова решение, затоа што со оспорената одлука за работните места раководител на салон, раководител во продавница и продавач, биле предвидени три степени на стручна подготовка што не било во согласност со Уставот и со законот. Понатаму во иницијативата се наведува дека врз основа на оспорената одлука подносителите на иницијативата биле распоредени на несоодветни работни места.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се врши измена и дополнување на систематизацијата на работните места раководител на салон (бр.4107), раководител на продаваница (4108) и продавач на продавница (4109), при што се менуваат условите за наведените работни места во поглед на стручната подготовка, односно за овие работни места се предвидени три алтернативни степени на стручна подготовка.
4. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори. Согласно член 7 став 1 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93), работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој и друг закон, и посебните услови утврдени со закон, колективен договор и акт на работодавецот.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективен договор, а посебните услови за засновање на работен однос се уредуваат со закон, колективен договор и со акт на работодавецот.
Во конкретниот случај за засновање на работен однос за работните места предвидени во оспорената одлука со закон и со колективен договор не се утврдени посенбите услови, од што произлегува дека за нивно утврдување е овластен работодавецот, а под работодавец, согласно член 1 став 2 од Законот за работните односи, покрај другите, се подразбира и претпријатие и друго правно лице кое врши стопанска дејност.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека е право на работодавецот, односно на претпријатието со акт да ги утврди покрај друготе услови и степените на стручна подготовка како посебен услов за засновање на работен однос за одредени работни места.
Во однос на наводот од иницијативата дека подносителите на иницијативата, врз основа на оспорената одлука, биле распоредени на несоодветни работни места, Судот оцени дека тоа е фактичко прашање, за кое, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
5. Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков,Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.200/94).