6/1995-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Слкужбен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 февруари 1995 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 7 став 4 и член 128 став 2 од Законот за банките и штедилниците (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93 и 78/93).
2. Силекс банка – АД Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање да поведе постапка за оценување уставноста на законските одредби означени во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата оспорените законски одредби земени во нивниот меѓусебен однос имале повратно дејство, затоа што условите за основање на банки и штедилници, меѓу кои и оние услови кои се однесуваат на висината на основачкиот влог, ги наметнуваат и на оние банки и штедилници што се основани пред неговото влегување во сила, односно што се основани според режимот на законот што важел пред влегувањето во сила на оспорениот закон, што не било во согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека со член 7 став 4 од оспорениот закон е определена висината на оснивачкиот влог на банките, при што е утврдено дека тој не може да биде помал од денарската противвредност на 3.000.000 ДЕМ односно на 1.000.000 ДЕМ за филијала на странска банка. Со членот 128 утврдено е дека банките основани пред влегувањето во сила на Законот продолжуваат со работа. Исто така, утврдена е обврска за банките што се основани пред влегувањето на Законот во сила да го усогласат своето работење со Законот во рок од 2 години.
4. Според член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Наведената уставна одредба востановува правило за забрана на повратното дејство на законите и на другите прописи и општи акти, како и исклучок од тоа правило во случаите кога повратното дејство е во полза на граѓаните, со цел да ги заштити востановените права на правните субјекти од подоцнежните промени во објективниот правен поредок. Според ова правило правните прописи дејствуваат само за во иднина, односно се применуваат само врз оние правни односи што ќе настанат по нивното влегување во сила.
Според оценката на Судот, оспорените одредби утврдуваат два вида односи. Со членот 7 се утврдува висината на основачкиот влог како услов за основање на банките, а со членот 128, како продна и завршна одредба, се уредуваат условите за работење на банките и штедилниците што се основани пред влегувањето во сила на Законот односно што се основани според условите што биле определени со законите што важеле пред влегувањето во сила на оспорениот закон. Притоа, членот 7 од Законот се однесува само на оние банки што ќе се основаат во иднина, гледано од аспект на моментот на влегувањето во сила на Законот. Ниту со оваа, ниту со друга одредба од Законот не е предвидено дека основањето на банките што било извршено пред неговото влегување во сила се прогласува за неважечко односно со која се наметнува обврска за порано основаните банки и штедилници повторно да се основаат – овој пат под условите и според постапката определена со новиот закон. Не само што Законот не содржи таква одредба, туку напротив, со член 128 е изречно потврдено дека банките и штедилниците што се основани порано продолжуваат со работа, што претставува израз на волја нивното основање да го прифати како завршен факт настанот под режимот на претходниот закон, кој не може и кој не трпи никакви влијанија од страна на подоцна донесениот закон. Поради тоа, според мислењето на Судот, во поглед на односите поврзани со условите за основање на банките оспорените законски одредби немаат повратно дејство.
Вториот вид односи на кои се однесуваат оспорените законски одредби се поврзани со работењеето на банките и штедилниците што се основани под режимот на поранешниот закон. Гледано од аспект на моментот на влегување во сила на новиот закон, работењето на овие банки и штедилници преставува процес на донесување поединечни акти и дејствија карактеристични за банкарското работење кои се одвиваат сукцесивно односно во временски низ. Дел од нив се преземени пред влегувањето во сила на новиот закон, а дел по неговото влегување во сила, односно дел од нив општа правна основа имале во поранешниот закон, а дел од нив во подоцна донесениот закон.
Според мислењето на Судот, подоцна донесениот закон има правна сила да го утврди престанувањето на важењето на порано донесениот закон и новите услови за банкарското работење да ги наметне и на оние банки што се порано основани. Со оглед на тоа што Законот не ги доведува во прашање оние банкарски трансакции што биле преземени пред неговото влегување во сила, Судот оцени дека оспорените законски одредби немаат повратно дејство ниту врз работењето на банките што се основани пред неговото влегување во сила.
Судот смета дека околноста на која се укажува во иницијативата дека со утврдувањето на висината на основачкиот влог како еден од условите за работењето на банките и штедилниците всушност се доведува во прашање самото основање на порано основаните банки и штедилници, нема суштинско влијание врз прашањето за карактерот на неговото дејство како повратно. Имено, законодавецот е сосема слободен на каков правно-технички начин ќе ги изрази тие услови. Неговата цел е да обезбеди такви услови во кои висината на основачкиот влог, како дел од гарантираниот капитал, ќе биде гаранција на ликвидноста на банката и таквата висина нема значење само за чинот на основањето на банката, туку и како услов за нејзиното работење. Новиот закон не ја поставува висината на основачкиот влог како услов за повторно основање на порано основаните банки, туку го зема како релевантна околност од која зависи работењето на банките, односно какоможност од која зависи егзистенцијата на дозволата за работа на сите банки, независно дали се основани пред или по влегувањето во сила на Законот и како начин на востановување единствен режим на банкарското работење.
Од наведените причини Судот оцени дека оспорените законски одредби немаат повратно дејство и декане може да се постави прашањето за нивната согласност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состгав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.6/95):