151/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 февруари 1995 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 1, 5,9,41, 53, 71, 72, 77, 78, 82, 91, 93, 102, 103, 105, 106, 107, 108, 113, 134, 135, 140, 150, 151, 152, 154 и членовите од 164 до 176 од Законот за водите (“Службен весник на СРМ” бр. 6/81, 13/82, 37/87, 51/88, 20/90, 23/90, 24/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.83/92), во делот што се однесува на основањето, надлежностите и функционирањето на самоуправните интересни заедници за водостопанство.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Ефтим Манев од Радовиш и Месната заедница “Папино” од село Јаргулица-Радовиш, со решение У.бр.151/93 од 13 јули 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нивната уставност.
4. Судот на седницата утврди дека со Законот за водите се уредуваат основните општествено-економски односи во водостопанството, употребата и користењето на водите, заштитата на водотоците и езерата, заштита и одбрана од штетните дејства на водите, изградб ата и одржувањето на водостопанските и други објекти и постројки, правата и должностите на организациите на здружен труд што вршат водостопанска дејност и инспекцискиот надзор и се утврдува обврска за основање на самоуправни интересни заедници за водостопанство, начелата за нивната организација и за односите меѓу нив, како и обврската за плаќање придонес.
Судот, исто така, утврди дека одредбите од Законот што се однесуваат на самоуправното интересно организирање во водостопанството произлегуваат од поранешниот уставен поредок, во кој самоуправувањето, а во тие рамки и самоуправното интересно организирање беше една од основите на општественото уредување.
5. Уставот на Република Македонија го напушти концептот на самоуправното интересно организирање и пропиша други основи на општественото уредување. Основа на новите односи во економскиот систем претставува сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото. Според тоа, и односите меѓу корисниците на вода и организациите кои стопанисуваат со водите треба да се уредат на поинаков начин, а не врз основа на самоуправно организирање.
Со оглед на тоа што самоуправното интересно организирање во водостопанството нема основа во Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука што се однесуваат на основањето, надлежностите и функционирањето на самоуправните интересни заедници за водостопанство не се во согласност со Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.151/93).