198/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и членовите 11, 27 и 71 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 декември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 11, 25 и 27 ставовите 2, 3 и 4 од Законот за експропријација (“Службен весник на СРМ” бр.46/89 и 36/91).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членот 29 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Светозар Георгиевски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 11, 25, 27 ставовите 2, 3 и 4 и член 29 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се давало можност правичниот надомест во случај на експропријација на сопственост, или во случај на ограничување на сопственоста, да биде понизок од пазарната вредност, што не било во согласност со одредбата на член 30 став 4 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 11 став 1 од Законот за експропријација, недвижноста се експроприра кога корисникот на експропријацијата има обезбедено парични средства потребни за плаќање надоместок на експроприраната недвижност или ако има обезбедено соодветна недвижност. Според став 2, паричните средства од ставот 1 на овој член корисникот на експропријацијата е должен, пред поднесувањето на предлогот за експропријација, да ги депонира на посебна сметка кај службата на општествено книговодство или да обезбеди гаранција од банка. Со ставот 3 од овој член е уредено дека кога Републиката е корисник на експропријацијата во случаите од член 10 став 2 на овој закон (а тоа е градежното земјиште), паричните средства за плаќање на правичен надоместок се обезбедуваат од средствата за доделување на градежно земјиште, а според ставот 4 на овој член од Законот, доказ за обезбедување средства од став 3 на овој член е изводот од сметката на која се водат средствата за доделување на градежно земјиште.

Според оспорениот член 25 од Законот, Републичката управа за имотно-правни работи не може на корисникот на експропријацијата да му ја предаде во владение експроприраната недвижност пред да ја утврди вредноста или пред да обезбеди докази врз основа на кои може да се утврди вредноста.

Со член 27 став 1 од Законот се уредува дека надоместокот за експроприраното земјиште се определува според пазарната цена на земјоделското земјиште што се купува и продава заради земјоделска обработка.

Според оспорениот став 2 на овој член од Законот, кога во катастарската општина во која се наоѓа експроприраното земјиште не се формира пазарна цена, се зема пазарната цена на земјиштето во соседните катастарски општини, а ако и во нив таа не е формирана, надоместокот се определува според квалитетот на земјиштето и користа што од него ја имал поранешниот сопственик. Според ставот 3 на овој член, кога на висината на пазарната цена влијаат вложувањата на општествените средства (земјоделско земјиште се наоѓа во населба, туристичко подрачје, односно во подрачје на сообраќајница, вештачки езера, мелиорации и други слични објекти), надоместокот ќе се намали сразмерно на влијанијата на тие околности, според прописите за заштита и користење на земјоделскко земјиште, а според ставот 4 на овој член, поранешниот сопственик на експроприраното земјоделско земјиште има право на надоместок и на вредноста на вложените неамортизирани инвестиции што се од значење за зачувување и подобрување на земјоделското земјиште.

Според оспорениот член 29 од Законот, висината на надоместокот за одземање од владение на определеното градежно земјиште што се наоѓа во градовите, населбите од градски карактер и во други подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба се определува според пазарната цена на најблиското земјоделско земјиште.

5. Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, според ставот 2, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според ставот 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според ставот 4 на овој член од Уставот, во случај на експропријација на сопственоста, или во случај на ограничување на сопственоста, се гарантира правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според мислењето на Судот, Уставот, покрај утврдувањето на основата за експропријација, гарантира правичен надомест, односно го дава основниот елемент за утврдување на правичниот надомест за експроприраната сопственост, а тоа е пазарната вредност на експроприраното добро, како долна граница на надоместокот.

Во конкретниот случај, тргнувајќи од тоа дека со оспорените одредби на членовите 11, 25 и 27 ставовите 2, 3 и 4 од Законот, се утврдува начинот на определување на правичниот надомест за недвижноста што се експроприра, се пропишува постапката за обезбедување на средства и докази за остварување на целите на експропријацијата и за обезбедување на правичниот надомест на сопствениците чие добро се експроприра и кој не може да биде понизок од пазарната вредност, како и се определуваат елементите за формирање на пазарната цена, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со член 30 од Уставот.

По однос на барањето со иницијативата да се поведе постапка за оценување уставност на одредбата на членот 29 од Законот за експропријација, Судот констатира дека таа одредба е укината, поради што барањето во тој дел на иницијативата го отфрли.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.