У.бр.86/1994

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 декември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Одлуката У.бр.253/1993 донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 6 април 1994 година.

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, “Алумина” АД од Скопје, му поднесе иницијатива, Судот да ја преиспита одлуката означена во точката 1 од ова решение поради тоа што смета дека Деталниот урбанистички план на град Скопје не содржел елементи за утврдување на услови за градба на делот на проширената локација и дека целта на членот 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање бил да се одбегне процедурата кога за тоа постоел општествен интерес и кога постоел слободен простор недефиниран со планот.

4. Уставниот суд на седницата утврди дека Судот на 6 април 1994 година со Одлука У.бр.253/1993 ја поништи Одлуката за утврдување проширена локација за изградба на повеќенаменски објект “Мк Доналдс”, донесена од Собранието на Општина Центар на 31 март 1992 година, поради тоа што оцени дека таа не е во согласност со членовите 31, 37 и 54 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

5. Според член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.

Во конкретниот случај Уставниот суд со Одлука У.бр.253/93 од 6 април 1994 година ја поништи Одлуката за утврдување проширена локација за изградба на повеќенаменски објект “Мк Доналдс” донесена од Собранието на Општина Центар, со што таа одлука престанала да важи со денот на објавувањето на Одлуката на Уставниот суд. Поради тоа Судот оцени дека постои процесна пречка Судот повторно да се впушта во нејзино оценување преку преиспитување на својата одлука.

6. Со оглед на тоа што нема основи содржани во Уставот и Деловникот на Уставниот суд за преиспитување на одлуката со која мериторно е одлучено односно со која е поништена Одлуката на Собранието на Општина Центар, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.