15/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 и член 47 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 декември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 6 и член 11 во делот со кој се забранува исплата на дивиденди, од Законот за исплата на плати и пензии (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93).
2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста на член 1 став 2, член 5 став 1 и став 2 алинеја 1 од законот означен во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Бранко Мушкарски, Тодор Черепналковски и Светозар Георгиевски од Скопје и Републичкиот одбор на Сојузот на пензионерите на Македонија, поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
5. На седницата Судот утврди дека согласно член 6 од Законот пензиите за месец декември се исплатуваат во висина од 92% од правото на исплата утврдено за тој месец, а исплатата на пензиите зајануари 1994 година и натаму се усогласува со стапката на порастот на трошоците на живот во тековниот месец во однос на претходниот месец намалена за 2,5 процентни поени и 50% од разликата меѓу стварниот и планираниот пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец. Согласно став 3 правото од став 1 на овој член се утврдува во висина на исплатената пензија за месец ноември 1993 година и усогласена со порастот на платите за месец ноември во однос на месец октомври 1993 година. Според ставот 4 доколку пензијата на одделен пензионер е повисока од две пензии исплатени во претходниот месец, усогласувањето во тековниот месец да се врши со 70% од утврденото право.
Согласно член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдено со закон и со колективни договори.
Од оваа уставна одредба произлегува дека правото на социјално осигурување, а во тие рамки и на пензиското осигурување е едно од основните уставни права на граѓаните. Затоа, овластувањето на државата со закон да го уреди ова право има за цел да се создадат правни услови за неговото остварување, а не ограничување на тоа право. Во таа смисла со Законот за пензиското и инвалидското осигурување е определено задолжително пензиско и инвалидско осигурување, а стекнувањето и остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување да се врши во зависност од должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиското и инвалидското осигурување под условите утврдени со овој закон.
Со оглед на тоа што со оспорениот член од Законот не се уредуваат прашања во функција на остварување на уставното право на социјално осигурување, во тие рамки и на пензиско и инвалидско осигурување, туку со тоа се ограничуваат тие права, Судот го оцени за несогласен со Уставот на Република Македонија. Исто така, со оглед на тоа што оспорената одредба, во контекстот на целината на Законот, претставува административна мерка на економската политика, Судот оцени дека не е во согласност со уставните овластувања на државата во сферата на економските односи кои се сведуваат на поттикнување на економскиот напредок на земјата и тоа преку гаранциите за слобода на пазарот и претприемништвото и на правата кои произлегуваат од сопственоста, како и со преземање мерки против монополитичката положба и однесување на правните субјекти на пазарот (член 30, член 55 и член 57 од Уставот). Согласно член 11 од Законот се забранува исплата на дивиденти, на плати од дневен пазар, како и исплата на плати и други надоместоци на плати во натура.
Согласно член 30 став 3 од Уставот никому не може да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека членот 11 од оспорениот закон, во делот што се однесува на забрана за исплата на дивиденди, со оглед на тоа што дивидендата е право кое произлегува од сопственоста и нејзино ограничување може да се изврши само кога се работи за јавен интерес утврден со закон, е несогласен со Уставот на Република Македонија.
6. Судот, на седницата, исто така утврди дека во врска со членот 1 став 2 и членот 5 став 1 и став 2 алинеја 1 од Законот, за кои поведе постапка по сопствена иницијатива не наоѓа основ за натамошно водење на постапката, па одлучи како во точката 2 од оваа одлука.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.15/94).