103/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 декември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на

а) ставот 5 на член 19 од Уредбата за критериумите за засолнување на населението (“Службен весник на Република Македонија” бр.81/92);

б) Правилникот за определување на висината на средствата потребни за изградба на засолништа и на начинот и рокот на плаќањето, односно враќањето на овие средства (“Службен весник на Република Македонија” – посебен Службен весник бр.11/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Доста Петревска од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од ставот 5 на член 19 од актот означен во точката 1 под а) и на актот означен во точката 1 под б). според наводите во иницијативата одредбата од ставот 5 на член 19 од означената уредба не била во согласност со член 68 од Уставот на Република Македонија, затоа што содржела овластување министерот за одбрана да пропишува јавна давачка со правилник, а оспорениот правилник не бил во согласност со член 52 од Уставот, затоа што не бил објавен во “Службен весник на Република Македонија”, туку само во Посебен Службен весник.

3. На седницата Судот утврди дека според ставот 5 на член 19 од означената уредба определувањето на висината на средствата кои инвеститорот на кој со решението за локација е утврдена обврска во рамките на објектот да изгради засолниште или е утврдена обврска да финансира изградба на заедничко засолниште, начинот и рокот за плаќањето односно враќањето се врши врз основа на правилникот што ќе го донесе Министерот за одбрана.

Судот, исто така, утврди дека со оспорениот правилник се уредува начинот и постапката за определување на висината на средствата потребни за изградба на засолништа, како и начинот и рокот на плаќањето односно на враќањето на средствата во случај на утврдена обврска за финансирање на заедничко засолниште, на неизградено засолниште или изградено засолниште со помал капацитет или кое не одговара на нормите за квалитет и во постапката во која од сопственикот на времен објект, безправно изграден и постојан објект бара времениот објект да добие статус на стален објект да се легализира односно постоечкиот објект да се пренамени.

Понатаму, Судот утврди дека оспорениот правилник е објавен во “Службен весник на Република Македонија” – Посебен “Службен весник”.

4. Со членот 33 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 28 од Уставот на Република Македонија, одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин, а според ставот 2 на овој член остварувањето на ова право е должност на граѓаните, што се уредува со закон.

Со Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92) е уредено системот на одбраната, во чии рамки цивилната заштита се организира и подготвува како дел од одбраната на Републиката. Со член 88 од Законот, се утврдени активностите и задачите што ги опфаќа цивилната заштита, меѓу кои, и засолнувањето.

Според член 9 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/85 и 38/90), се определува дека со просторните и урбанистичките планови се обезбедува и уредување и оспособување на просторот за водење на општонародна војна, заштита и спасување од воени разурнувања, елементарни непогоди и други опасности, а од членот 23 на овој закон произлегува обврска со изработката и донесувањето на просторните и урбанистичките планови дека се изработува и донесува посебен дел на плановите за потребите и барањата на општонародната одбрана и мерките за заштита од воени разурнувања како нивен составен дел. Во оваа смисла, решението за локација содржи општи и урбанистичко-архитектонски делови кои се утврдени во просторните и урбанистичките планови и одредбите за нивната реализација, како и графички дел кој претставува извод од просторниот и урбанистичкиот план. При тоа, согласно членот 48 од овој Закон, со графичкиот дел од локацијата и условите за градба, покрај другото, особено се утврдуваат условите за изградба на засолниште и други заштитни објекти со видот, капацитеот, отпорноста, положбата, зоната на гравитација и намената.

Според член 10 од Законот за изградба на инвестициони објекти (“Службен весник на СРМ” бр.15/90 и 11/91), одлука за изградба на објектот донесува инвеститорот, а според ставот 2 на овој член, инвеститор може да биде правно и физичко лице.

Според член 19 од овој закон, ако за изградба на објектот со закон или пропис донесен врз основа на закон се пропишани посебни услови, меѓу кои спаѓаат и условите од одбраната, надлежниот орган за издавање на одобрението за градење е должен да ги прибави потребните согласности, односно мислења по службена должност.

Од наведените законски одредби произлегува дека изградбата на засолништа задолжително се планира со просторните и урбанистичките планови за потребите на новите градежни објекти, а со решението за локација се утврдува и непосредната обврска за инвеститорот, во рамките на објектот да гради засолниште. Според тоа, градењето на засолниште не претставува обврска за сите граѓани, туку само за инвеститорот или инвеститорот да учествува во изградбата на заедничко засолниште. Поради тоа, Судот смета дека обврската за изградба на засолниште, и покрај тоа што произлегува од Закон, не претставува јавна давачка.

Основ за донесување на Уредбата за критериумите за засолнување на населението (“Службен весник на Република Македонија” бр.81/92), е членот 46 од Законот за владата (“Службен весник на СРМ” бр.38/90), според кој се уредуваат видовите акти што може да ги донесува Владата и членот 16 од Законот за одбрана според кој, во остварувањето на одбраната Владата донесува уредби, покрај другото, за критериумите за засолнување на населенито.

Според мислењето на Судот, од уставните принципи за организација и поделба на власта произлегува дека е обврска на законот да ги уреди организирањето на цивилната заштита и во тие рамки засолнувањето, односно да ги утврди основните јпринципи за засолнување, со тоа што утврдувањето на политиката на извршувањето и донесување на поблиски прописи за извршување на законот претставуваат уставно и законско овластување на Владата.

Со оглед на тоа што во Законот за одбрана се утврдени основните принципи за засолнување (планирање, изградба, одржување и начин на користење на засолништа и на други заштитни објекти), меѓу кои инвеститорот има обврска за изградба на засолништа и други заштитни објекти за градба на објект за засолништа според местото на живеење и местото на работа, а Републиката за јавни засолништа, Судот смета дека овластувањето на Владата да донесува поблиски прописи во врска со тоа има карактер на конкретизација на законот.

Според член 138 од Законот за органите на управата “Службен весник на СРМ” бр.40/90), министерот кој раководи со органот на управата, покрај другото, донесува прописи и други акти за кои е овластен, па според тоа донесувањето на оспорениот правилник е во рамките и на ова овластување на министерот.

Со оглед на тоа што со закон е утврдена обврска за инвеститорот да изгради засолниште, или да учествува во изградбата на заедничко засолниште, а со Уредбата на Владата се утврдени критериуми за обезбедување на објекти за засолнување, а во тие рамки и основните фактори од кои зависи висината на средствата (планирана градба, капацитет, број на засолништа), министерот за одбрана во рамките на утврдените надлежности, може да донесе правилник со кој ќе ги уреди начинот и постапката за определување на висината на средствата. Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на одредбата од ставот 5 на член 19 од означената уредба со Уставот и означените законски одредби.

5. Според член 53 од Уставот законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Со членот 2 став 2 од Законот за објавување на законите и другите републички прописи и општи акти (“Службен весник на СРМ” бр.43/80), е предвидено, во посебниот “Службен весник на Република Македонија” да се објавуваат прописите и другите општи акти на функционерите што раководат со републичките органи на управата што содржат податоци чие објавување би било во спротивност со интересите на безбедноста и одбраната на земјата и со други општествени интереси утврдени со закон, за кои тоа ќе го одреди функционерот.
Од наведената законска одредба произлегува дека право е на функционерот, односно во случајот на министерот за одбрана да го определи значењето на прописот за одбраната на Републиката и неговото објавување во посебен “Службен весник на Република Македонија”.
Исто така, според член 16 од Уредбата за критериумите и мерките за заштита на тајноста на податоците од значење за одбраната (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/94), службена тајна во смисла на ова уредба претставуваат податоците од значење за одбраната, со чие откривање би можеле да настанат штетни последици за одбраната на Републиката. Со ставот 2 од овој член е предвидено на документите кои претставуваат службена тајна, во зависност од нивното значење, во горниот десен агол им се става зборот “одбрана”, а под него им се одредува еден од следните три степени на тајност: “строго доверливо”, “доверливо”, или “интерно”.
Со оглед на тоа што оспорениот правилник е објавен во “Службен весник на Република Македонија” Посебен службен весник со ознаката “одбрана”, “службена тајна, “доверливо” и со оглед на тоа што според оценка на министерот содржи податоци од значење за одбраната и безбедноста на Републиката, според мислењето на Судот тоа и претпоставува ваков начин на објавување, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за неговата уставност и законитост и од овој аспект.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.