89/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 ноември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за прогласување на неважечки спроведените избори за членови во советите на месните заедници на подрачјето на Општина Струмица, донесена од Собранието на Општина Стумица на седницата одржана на 4 март 1994 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.89/94 од 14 септември 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со член 114 од Уставот на Република Македонија.

4. На седницата Судот утврди дека со член 1 од Одлуката се прогласуваат за неважечки сите избори за членови во советите на месните заедници на подрачјето на општина Струмица, спроведени по 20 октомври 1990 година, а со член 2 им се укажува на месните заедници од подрачјето на Општина Струмица да се спроведуваат нови избори за членови во советите на месните заедници се до донесувањето на Законот за локалната самоуправа и други закони и прописи со кои ќе биде регулирана оваа материја.

5. Согласно член 114 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа. Понатаму, се определува дека единици на локалната самоуправа се општините и дека во општините можат да се основаат облици на месна самоуправа. Најпосле, одредено е дека локалната самоуправа се уредува со закон. Со член 115 од Уставот се определени прашањата за кои во единиците на локалната самоуправа граѓаните одлучуваат непосредно или преку претставници. Овие прашања Уставот ги означува со општо име – прашања од локално значење и набројува само некои од нив (урбанизам, комунални дејности, култура, спорт, социјална и детска заштита, предучилишно воспитување, основно образование и основна здравствена заштита), оставајќи генерално овластување другите прашања за кои се одлучува во единиците на локалната самоуправа да се утврдат со закон.

Со член 7 алинеја 12 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија е утврден рок од 6 месеци од денот на прогласувањето на Уставот за кој ќе се донесе Законот за локалната самоуправа.

Според мислењето на Судот, правото на граѓаните на локална самоуправа во себе го вклучува и правото на месна самоуправа, за чие остварување не е услов донесувањето на закон со кој би се уредиле облиците и начините на неговото остварување. Тоа значи дека граѓаните во општината се слободни, во рамките на утврдените права од локално значење и без чекање на решенија утврдени со закон или со акти на општината, да ги основаат и да ги остваруваат облиците на месна самоуправа. Граѓаните во месните заедници имаат право непосредно врз основа на Уставот да организираат и спроведат избори за советите на месните заедници како еден од можните облици на остварување на месната самоуправа, а општината нема право непосредно врз основа на Уставот да ги ограничува граѓаните во основањето и остварувањето на облиците на месна самоуправа.

Од наведените причини Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 114 став 3 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.