Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 ноември 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА барањето за преиспитување на решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.34/94 од 16 март 1994 година.
2. Здружението на социолозите на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање Судот да го преиспита своето решение У.бр.34/94 од 16 март 1994 година, со кое не поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на точка 3 став 3 и став 4 од Заклучоците за нормативот за наставен кадар по социологија, донесени од Републичкиот педагошки совет, бр. 13-215/2 од 23.09.1993 година и проследното писмо на Министерството за образование и физичка култура до училиштата од средното образование бр.11-5526/1 од 2.10.1993 година.
3. Разгледувајќи го барањето Судот утврди дека неговите наводи од правен карактер се однесуваат на уставното начело на еднаквост помеѓу наставниците по социологија кои имаат различно образование, за што Судот веќе одлучил со решението У.бр.34/94, а дека другите наводи од барањето се однесуват на целсообразноста на одделните решенија од оспорените акти, за што Судот не е надлежен да одлучува.
4. Со оглед на тоа што утврди дека за поставените прашања веќе одлучувал и дека нема причини за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.