У.бр.232/1993

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 ноември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на делот 2 од Колективниот договор на Акционерското друштво за производство на порцелан и керамички плочки “Борис Кидрич” Ц.О.-Титов Велес.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Автономниот синдикат при Акционерското друштво за производство на порцелан и керамички плочки “Борис Кидрич” Ц.О.-Титов Велес му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

3. На седницата Судот утврди дека оспорениот колективен договор не е усогласен со Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93), туку непосредно се применува Општиот колективен договор за стопанството (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/94) и колективниот договор за дејноста хемиска индустрија, (“Службен весник на Република Македонија” бр.60/94) и оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.