92/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 ноември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за организација и систематизација на работните места во Претпријатието во општествена сопственост за Шумарство “Пљачковица” во Виница, донесен на 5 декември 1992 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за работни односи на означеното претпријатие, донесен на 6 јуни 1990 година.

3. На Уставниот суд на Република Македонија Здравко Симеонов од Виница му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што биле донесени пред влегувањето во сила на Законот за работните односи и што за работното место чувар на шуми било предвидено четврти и седми степен на школска подготовка, што не било во согласност со закон.

4. На седницата Судот утврди дека со Правилникот за организација и систематизација на работните места се утврдуваат работните места во претпријатието, потребниот број на работниците за извршување на работите и работните задачи, условите што работникот треба да ги исполнува за нивното извршување и организационата структура на претпријатието. Во точката 5 од Правилникот е предвидено за чувар на шума VII-ми степен на образование односно висока школска подготовка шумарски факултет или VI-ти степен на образование односно средна стручна подготовка – шумарска насока.

Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори. Согласно член 7 став 1 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93), работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој закон, колективен договор и акт на работодавецот.

Според член 69 став 1 од Законот за шумите (“Службен весник на СРМ” бр.20/74, 15/86, 51/88, 20/90, 37/91, 44/91 и 83/92), чувањето на шумите во општествена сопственост го врши организацијата што стопанисува со шумите. Според став 2 за чувањето на шумите организациите основаат шумско-чуварска служба. Шумско-чуварската служба ја вршат чувари на шуми како и други лица кои за таа цел посебно се овластени од организацијата што стопанисува со шуми (чувари на шуми).

Согласно член 70 став 1 од Законот, чуварите на шуми имаат својство на службено лице, а според став 2 на овој член од Законот, чуварите на шуми можат да имаат најмалку осумгодишно образование или квалификувани работници во шумарството, да ги исполнуваат условите за носење оружје и други услови предвидени со општите акти на организацијата што стопанисува со шумите.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законот оставил можност со општ акт да се определуваат посебни услови што работникот треба да ги исполнува за засновање на работен однос, дека со закон е пропишан најнискиот степен на образование за чуварите на шумите, а тоа е осмогодишно образование или квалификуван работник во шумарството.

Со оглед на тоа што со закон се предвидени посебите услови за засновање работен однос да се уредуваат со општ акт на паретпријатието односно работодавецот како и со оглед на тоа што за вршење на работни задачи на чувари на шума да се определени повисоки степени на школска подготовка од онаа што со закон е предвидена како најниска подготовка, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со закон.

5. На седницата Судот, исто така, утврди дека со Правилникот за работни односи се уредуваат правата, обврските и одговорностите на работниците во претпријатието кои се однесуваат на засновање на работен однос, преземање на работници, проверка на работните способности и пробна работа, распоредување на работниците, работно време, одмори и отсуства, заштита на работниците, одговорност на работниците, престанок на работниот однос и за заштита на работењето.

Од Законот за работните односи се утврдува дека правото на работниците и нивната положба (работно време, одмори, отсуства, заштита на жената, младината и инвалидизирани работници, заштита на работниците при работа, платите и надоместоците, материјалната одговорност, престанок на работниот однос) се утврдуваат со закон и колективен договор, не со акт на претпријатието односно работодавецот.

Со оглед на тоа што со Законот не е допуштена можност правата на работниците и нивната положба да се утврдува со општ акт на организацијата, Судот оцени дека оспорениот правилник престанал да важи по сила на законот и со склучување на колективните договори и дека Судот нема процесни претпоставки да ја оценува неговата уставност и законитост.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.