154/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 ноември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 4-а од Уредбата за критериумите и начинот на утврдување на цената на становите во општествена сопственост, донесена од Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.68/92, 72/92, 84/92 и 57/93).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Симо Јовановски од Скопје му поднесе иницијатива за повторно оценување уставноста и законитоста на оспорената одредба од уредбата означена во точка 1 од ова решение, а со тоа и да го преиспита своето Решение У.бр.73/94 за неповедување на постапка донесено на 29 јуни 1994 година, затоа што со примената на оспорената одредба од Уредбата граѓаните што купувале станови постари од 30 години биле оштетени за 15%, а граѓаните што купувале несанирани станови биле оштетени уште повеќе, со тоа што Владата утврдила пониски амортизациони стапки, што не било допуштено со Законот за сметководството, поради што Судот би требало да поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 4-а од означената уредба.

3. Судот на седницата утврди дека, по поднесена иницијатива од истиот подносител со Решение У.бр.73/94 од 29 јуни 1994 година, не повел постапка за оценување уставноста и законитоста на член 4-а од означената Уредба, затоа што утврдил дека според Законот за продажба на становите во општествена сопственост еден од елементите за утврдување на продажната цена на становите е и амортизацијата на станот, при што во Законот не е определено на кој начин и по која висина ќе се земе предвид амортизацијата на становите, туку е препуштено на Владата да ги определи и критериумите за определување на висината на амортизацијата. Исто така, Судот утврдил дека според Законот за сметководство амортизационите стапки самостојно ги утврдува субјектот, со тоа што за годишната пресметка не мо`ат да се применуваат пониски годишни амортизациони стапки од номенклатурата на средствата (став 6 на член 32), која номенклатура ја утврдува Владата на Република Македонија по претходно прибавено мислење од Стопанската комора на Македонија.

4. Разгледувајќи ги повторно наводите од иницијативата и од решението за неповедување на постапка, Судот оцени дека нема основ за поинакво одлучување.

Имено, во однос на наводот од иницијативата дека одделни граѓани кои користеле постари станови биле оштетени при купувањето на тие станови, Судот оцени дека ова прашање не спаѓа во прашањата од уставно-правен карактер за кој е надлежен да одлучува, туку тоа е фактичко прашање. Што се однесува до висината на амортизационите стапки, односно дали тие се пониски или повисоки од амортизационите стапки утврдени во номенклатурата на средствата донесена од Владата, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на Уредбата и Номенклатурата.

5. Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста и законитоста на оспорената одредба од Уредбата, а по оваа иницијатива не најде основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.