157/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 ноември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот со кој забавишните групи, што работат при основните училишта, организационо преминуваат во училиштата во кои работат, донесен од Владата на Република Македонија на 22 август 1994 година.

2. НЕ СЕ УВАЖУВА барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на актот означен во точката 1 од ова решение.

3. На Уставниот суд на Република Македонија, Цвета Филипова и други од Скопје му поднесоа иницијатива со барање за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што системот на забавишните групи се уредувал со заклучок на Владата на Република Македонија и што воспитувачите во забавишните групи, што организационо се вклучиле во основните училишта, биле доведени во поповолна положба во однос на воспитувачите во забавишните групи што организационо останале во склоп на организациите за згрижување и воспитување на децата (покусо работно време, зимски одмор, летен одмор и др.), што не било согласно со Уставот и со закон.

4. На седницата Судот утврди дека со ставот 1 од Заклучокот е предвидено заради поцелосен опфат на децата пред поаѓање на училиште и полесно вклучување во образовниот систем, забавишните групи што работат при основните училишта во Република Македонија од 1 септември 1994 година, организационо да преминат во основното училиште во кое работат.

Согласно ставот 2 од Заклучокот Министерството за образование и физичка култура од 1 септември 1994 година ги презема вработените, како и целосното финансирање на дејноста за овие групи што досега се финансираа преку Министерството за труд и социјална политика.

Ставот 3 од Заклучокот предвидува средствата за оваа намена од 1 септември 1994 година да се пренесуваат на Министерството за образование и физичка култура.

Согласно член 88 став 1 од Уставот Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. согласно ставот 2 на овој член од Уставот своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Согласно член 91 алинеја 6 од Уставот Владата на Република Македонија утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерства и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа.

Согласно член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон.

Согласно член 96 од Уставот органите на државната управа за секоја работа се одговорни на Владата.

Согласно член 45 од Заклучокот на Владата на СР Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.38/90) во извршувањето на законите и другите прописи и општи акти Владата донесува уредби, одлуки, упатства, решенија и заклучоци.

Согласно член 46 став 6 од истиот закон, Владата на Република Македонија со заклучок, меѓу другото, ги определува и задачите на органите на управата.

Од наведените одредби произлегува дека Владата на Република Македонија со заклучок, меѓу другото, ги определува задачите на органите на управата и дека таа како носител на извршната власт своето дејствување го остварува согласно со Уставот и законите, па во тие рамки ја регулира и внатрешната организација на министерствата, ги определува нивните задачи, ги насочува во работата и врши надзор врз нивната работа.

Согласно член 11 од Законот за предучилишното и основното воспитание и образование (“Службен весник на СРМ” бр.19/83, 29/89, 11/91 и 40/91) самоуправните општествено-економски односи, самоуправното интересно организирање и самоуправното организирање на здружениот труд во областа на предучилишното воспитание и образование се уредуваат со Закон за општествена заштита на децата.

Согласно став 1 на член 18 од истиот закон предучилишното образование и воспитание со децата од предучилишна возраст се остварува во организациите на здружен труд за згрижување и воспитание на децата, во други организации на здружениот труд и во посебни организирани делови на организациите на здружениот труд од материјалното производство и општествените дејности, согласно со Законот за општествена заштита на децата.

Од наведените одредби, произлегува дека Законот за предучилишното и основно воспитание и образование упатува општествено-економските односи во предучилишното воспитание и образование и обавувањето на дејноста на предучилишното воспитание и образование да се уредат со Законот за општествена заштита на децата (“Службен весник на СРМ” бр.6/81 и 17/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.38/91).

Согласно членовите 27, 29, 37 и 47 од Законот за општествена заштита на децата (“Службен весник на СРМ” бр.6/81 и 17/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.38/91) организациите за згрижување и воспитување се самостојни правни субјекти, а Министерството за труд и социјална политика е овластено да утврдува дали се исполнети законските услови за работа на организацијата за згрижување и воспитување и да врши надзор над законитоста на нејзината работа. Согласно член 14 Министерството ги утврдува стандардите, основите и мерилата и другите услови за вршење на таа дејност. Средствата за финансирање на општествената заштита на децата, според член 39-а од овој закон, се обезбедуваат од Републичкиот буџет и со нив се финансира и дејноста на организациите за згрижување и воспитување на деца.

Согласно став 1 на член 39-г средствата од Буџетот на Републиката за финансирање на општествената заштита на децата се обезбедуваат согласно Програмата за остварување и развој на општествената заштита на децата што ја донесува Владата на Република Македонија.

Исто така, согласно член 224 од Законот за основното образование и воспитание во основното училиште, покрај задолжителното основно воспитание и образование на децата и возрасните, може да се остварува и згрижување на децата од предучилишна возраст, во согласност со овој закон и Законот за општествена заштита на децата.

Имајќи ги предвид наведените одредби, Судот оцени дека независно од тоа што законодавецот го определил статусот на организациите за згрижување и воспитување на децата како самостојни правни субјекти, нивната самостојност ја ограничил во смисла што обезбедувањето на средствата за нивното финансирање го условил со донесување на акт односно Програма на Владата за остварување и развој на општествената заштита на децата.

Од уставното овластување, пак, на Владата на Република Македонија да ги утврдува начелата за внатрешна организација и работа на министерствата и другите органи на управата, да ја насочува и да врши надзор над нивната работа, Судот оцени дека со тоа што заклучила забавишните групи што работат при основните училишта организационо да преминат во училиштетот во кое работат, налагајќи му едновремено на Министерството за финансии средствата за оваа намена да ги пренесе на Министерството за образование и физичка култура, се движела во рамките на своите овластувања утврдени со Уставот и законите.

6. Што се однесува до барањето Судот со времена мерка, до донесувањето на конечна одлука, да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот заклучок, имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување на ваква мерка.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.