Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1994 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВА Правилникот за постапката, начинот и условите за приклучување на нови корисници на постојниот јавен водовод, како и за зголемување на едновремениот проток кај постојните корисници на вода, донесен од Собранието на заедницата за комуналните претпријатија на Република Македонија “Макком” во Скопје на 19 јануари 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/93).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесената иницијатива од драги Стојанов од Виница, со Решение У.бр.128/93 од 14 септември 1994 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и со член 7 од Законот за работењето и управувањето на организациите што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес (“Службен весник на СРМ” бр.36/77).
4. На седницата Судот утврди дека со оспорениот правилник се уредуваат односите помеѓу граѓанин – нов корисник на вода за пиење кој се приклучува на постојниот јавен водовод и јавно претпријатие за водоснабдување кое преку водоводот испорачува вода за пиење. Понатаму, Судот утврди дека, всушност, Правилникот е донесен од Друштвото со ограничена одговорност “Макком” од Скопје, кое е основано од повеќе јавни комунални претпријатија, но кое не е јавно претпријатие.
5. Во член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија се определува дека Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки, а со член 7 од Законот за работењето и управувањето на организациите што вршат комунални дејности од посебен општествен интерес (“Службен весник на СРМ” бр.36/77) се пропишува дека комуналната организација е овластена, со посебна програма, да предвидува изградба, адаптација, модернизација и реконструкција на комунални објекти и уреди и за таа немана да утврдува извори и висина на средства. Под комунална организација, пак, според член 3 став 1 од Законот, се подразбира организација регистрирана за вршење комунални дејности од јавен интерес.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека прашањата од јавно-правно значење, меѓу кои е и прашањето за воведување надоместок за трошоците за изградба на комунални објекти и уреди, се во надлежност на јавните претпријатија и дека тие прашања не можат да бидат пренесени да ги уредуваат други субјекти.
Со оглед на тоа што со оспорениот правилник се уредуваат односи од јавно-правно значење, а е донесен од претпријатие кое не е јавно претпријатие, Судот утврди дека тој не е во согласност со означените уставни и законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.