121/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловниккот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 ноември 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 14 став 1 од Законот за продажба на деловните згради и деловните простории на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/94).

2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање на дејствијата преземени врз основа на член 14 став 1 од Законот означен под точката 1 од ова решение.

3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од здружението на работните луѓе кои вршат стопанска дејност со личен труд и средства во сопственост на граѓани на град Скопје при Стопанската комора на Македонија и повеќе граѓани, со Решение У.бр.121/94 и 129/94, поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од член 14 став 1 од Законот означен во точката 1 на оваа одлука затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

5. На седницата Судот утврди дека според членот 14 став 1 од Законкот договорот за закуп на деловниот простор продаден според одредбите на овој закон, престанува во рок од 6 месеци од денот на склучување на договор за продажба, независно дали договор за закуп бил склучен на определено или неопределено време. Според ставот 2 на овој член, при склучувањето на договор за купопродажба на деловниот простор, а до ослободување на закуподавачот, договорената закупнина му припаѓа на купувачот.

6. Според член 8 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Според член 52 став 4 од Уставот законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со членот 595 од Законот за облигационите односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/78), кој согласно член 5 од Уставниот закон е преземен како републички, договорот за закуп склучен за определено време престанува со самиот истек на времето. Според ставот 2 на овој член истото важи и во случаите кога во недостиг на волја на договарачите, траењето на закуп е определено со закон.

Со оглед на тоа што оспорениот член 14 став 1 од Законот пропишува нов начин на престанок на договорите за закуп склучени пред неговото влегување во сила, Судот смета дека со оваа одредба државата по сила на својот империум навлегува во правните односи настанати под условите на законот што важел во времето на склучувањето на договорите, со што е доведена во прашање правната сигурност на граѓаните и дека со ваквиот начин на престанок на договорите за закуп оваа одредба има повратно дејство. Поради тоа Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност со темелната вредност владеење на правото на уставниот поредок на Републикаа, и со член 52 став 4 од Уставот.

7. Со оглед на тоа што Судот ја укина одредбата на член 14 став 1 од законот означена во точката 1 од оваа одлука Судот ја укина и привремената мерка за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оваа одредба.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.