Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 октомври 1994 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 30 од Законот за персоналниот данок од доход (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Трифко Неделков од Битола, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од член 30 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувала основата за плаќање на персоналниот данок од доход на личните примања од стопанска и професионална дејност, по правило, да не може да биде пониска од просечната плата остварена во Републиката, а не личното примање утврдено во даночниот биланс, со што граѓаните биле доведени во нееднаква положба, односно оспорената одредба не била во согласност со уставното начело дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член од Законот е предвидено основа на данокот од доход на личните примања од стопанска и професионална дејност претставува личното примање кое даночниот обврзник го утврдува во даночниот биланс согласно со одредбите од Законот за данокот од добивка, а кое по правило не може да биде пониско од просечната плата остварена во Републиката.
Судот, исто така, утврди дека според член 8 од Законот за добивка (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93), основа за пресметување на данокот од добивка е добивката која се утврдува во даночниот биланс. Според ставот 2 на овој член добивката претставува разлика меѓу вкупните приходи и вкупните расходи на даночниот обврзник во износи утврдени согласно со прописите за сметководството, освен приходите и расходите за кои со овој закон е пропишан друг начин на утврдување.
Понатаму, Судот утврди дека со член 1 став 1 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93), е предвидено одредбите на овој закон, освен член 8, не се однесуваат на правните лица кај кои средствата се во приватна сопственост.
Според член 8 од овој закон платата по работник која претставува основица за пресметување на даноците и придонесите од плата, не може да биде пониска од 65% од просечната месечна нето плата по работник во стопанството на Републиката објавена во тековниот месец, а според ставот 2 од овој член, Министерството за труд и социјална политика до 20 во тековниот месец ја утврдува основицата од ставот 1 на овој член и истата ја објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Според член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Од наведените законски одредби произлегува дека основа на данокот од доход на личните примања од стопанска и професионална дејност е добивката која се утврдува во даночниот биланс. Тоа значи дека даночниот обврзник кој уредно ги води деловните книги и утврдува даночен биланс персоналниот данок го плаќа на добивката која се утврдува во даночниот биланс и ако остварува реално помали приходи при вршењето на стопанската и професионалната дејност данокот ќе му се пресмета на пониска основица, односно испод просечната плата во Републиката.
Меѓутоа, поаѓајќи од ставот 2 на член 1 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија според кој, одредбите на член 8, од овој закон се однесуваат и на правните лица кај кои средствата се во приватна сопственост, односно платата по работник која претставува основица за пресметување на даноците и придонесите од плата, не може да биде пониска од 65% од просечната месечна нето плата по работник во стопанството на Републиката објавена во тековниот месец, според мислењето на Судот на граѓаните основицата за плаќање на персоналниот данок еднакво се пресметува, со оглед на тоа што оваа одредба важи и за овие граѓани, поради што Судот смета дека не постои повреда на уставното начело на еднаквоста на граѓаните, туку несогласност помеѓу означените закони, за што овој Суд согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.