99/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 октомври 1994 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 12 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива, со Решение У.бр.99/94 од 14 септември 1994 година, поведе постапка за оценување уставноста на член 12 од законот означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 12 од Законот е предвидено дека органите на управата во својата работа во согласност со Уставот и со закон, го применуваат начелото на рамноправност на јазиците и писмата на народите и народностите на Југославија.

5. Според член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

Законите што не се во согласност со одредбите на Уставот, според член 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, требаше да се усогласат во рок од една година од денот на прогласувањето на Уставот, а одредени закони наведени во член 7 од Уставниот закон да се усогласат во рок од шест месеци од денот на прогласувањето на Уставот.

Согласно член 7 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговиото кирилско писмо, а во единиците на локалната самоуправа, во кои како мнозинство и како значителен број живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите, на начин утврден со закон, односно под услови и начин утврден со закон.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не постои уставен основ јазиците и писмата на народите и народностите на поранешна Југославија рамноправно да се употребуваат со македонскиот јазик и кирилското писмо.

Со оглед на тоа што со оспорениот член 12 од Законот е предвидено јазиците и писмата на народите и народностите на поранешна Југославија рамноправно да се применуваат со македонскиот јазик и кирилското писмо, Судот утврди дека тој не е во согласност со член 7 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.